Заканите со дестабилизација доаѓаат секогаш кога му гори под нозете на Ахмети, односно кога се соочува со можни обвиненија за криминал и корупција сторени во времето додека беше на власт (и малку пред тоа, како командант на ОНА). Врз плеќите му тежат и обвиненијата за воени злосторства што Хаг повторно ги поведува така што бара од македонските судски власти да почнат да постапуваат и тие да добијат соодветна судска разврска
По најновите закани од првиот човек на интегративците за дестабилизација на државата
Заканите и уцените со дестабилизација на државата станаа практика откако Демократската унија за интеграција (ДУИ) замина во опозиција, која наместо да се сврти кон себе и да анализира каде потфрлила (кои членови злоупотребиле овластувања, некои биле корумпирани, некои тргувале со моќ и сл.) за време на дводецениското владеење, ДУИ упорно продолжува да се прикажува како жртва на изборниот процес, на која „неправедно ѝ е одземено правото да биде дел од владејачкото мнозинство“!?
Имено, откако не му успеа преписката со меѓународните центри и тоа излезе еднонасочна кореспонденција, првиот човек на интегративците Али Ахмети повторно се заканува со дестабилизација на државата, овој пат уште поостро.
– Ако се направи каква било промена што го засега албанскиот јазик, сите Албанци ќе се кренат во одбрана – изјави Али Ахмети за време на неодамнешниот партиски собир во скопската населба Шуто Оризари, нагласувајќи ја реакцијата што ја очекува ако Уставниот суд одлучи поинаку од она што си го замислиле интегративците.
Ахмети и претходно најавуваше дестабилизација на државата, повикуваше Албанците да излезат на есенски протести и слично, но откако увиде дека меѓу албанското население во земјава нема посебно расположение да се одзива на неговите повици за протести, првиот човек на интегративците прибегна кон нова тактика, воинствен восклик за одбрана.
Ваквиот настап на Ахмети се случува секогаш кога му гори под нозете, односно кога се соочува со можни обвиненија за криминал и корупција сторени во времето додека беше на власт. Дополнително, врз плеќите му тежат и обвиненијата за воени злосторства, кои Хаг повторно ги поведува така што бара од македонските судски власти да почнат да постапуваат и тие да добијат соодветна судска разврска.
Притиснат од ваквите потенцијални обвиненија, на Ахмети не му преостанува ништо друго освен очајнички да се заканува со дестабилизација на државата, иако неговите повици сѐ помалку наидуваат на прифаќање кај албанската заедница во земјава, која е свесна дека од дводецениското владеење на ДУИ обичните граѓани не добија ништо, додека водството на партијата добро се офајди финансиски. Затоа сега повиците на Ахмети се повеќе во насока да се спаси себеси, прикажувајќи се сѐ уште како некаков фактор, отколку како некој што се бори за интересите на граѓаните.
Дипломатот во пензија Драган Јањатов се согласува дека ваквите изјави за дестабилизација на земјата се недвосмислен израз на паниката што е присутна кај првиот човек на интегративците.
– Ваквиот настап на Ахмети е своевидна одбрана, имено во смисла „нападот е најдобрата одбрана“. Во последно време се актуализираат тие настани од 2001 година и тој се чувствува загрозено и сега ова е дефанзивно-офанзивна политика. Меѓутоа, тоа не води никаде. Ескалацијата на тие меѓуетнички односи не може да донесе ништо бидејќи ситуацијата не е веќе како во 2001 година, сега работите се многу поинакви – вели Јањатов.
Според него, конфузијата што владее кај Ахмети несомнено е предизвикана од потенцијалните обвиненија за сторен криминал во земјава, но и за воени злосторства од времето на воениот конфликт.
– Ахмети е притиснат. Ни лево, ни десно, не знае каде да оди. Дејствува дезориентирано. Од една страна би можел да се соочи со обвинувања за криминал и корупција, од друга страна партијата не му стои добро. Тој е во некоја паника и не е исклучено да направи некаков лош потег, но нема да му помине тоа – констатира Јањатов.
Јавноста треба да биде спокојна од ваквите блефови со изливи на радикален милитаризам. И меѓународната јавност е свесна за тоа. Веќе има информации дека наскоро ќе биде повикан во Хаг, но во кое својство, тоа сѐ уште не е дефинирано.
Повиците на Ахмети за кревање на сите Албанци во одбрана на албанскиот јазик, доколку Уставниот суд не донесе одлука според желбите на ДУИ, не можат да се протолкуваат никако поинаку освен како директен притисок врз Уставниот суд и како обид за заплашување на јавноста преку закана по безбедноста на државата. Ахмети со повеќе писма веќе ја информира меѓународната заедница дека се прекршувал рамковниот договор и дека со тоа што ДУИ не е дел од власта, всушност, е загрозена меѓуетничката кохезија
За меѓународната заедница поплаките од Ахмети се празни зборови
Европски фронт со антиевропски манири
Несомнено со изнесените ставови првиот човек на интегративците свесно ја ослабува позицијата на државата пред меѓународната заедница, сакајќи да ја прикаже како недемократска и нетолерантна кон малцинските заедници.
– Претпоставувам пораката се однесува на истите оние уставни судии што тој во Речица и оние на Бихаќска ги поставија во Уставниот суд. Законот за употреба на јазиците е во Уставниот суд, а ако се погледне, таму се луѓе што излегоа од тефтерчето од Речица и на Бихаќска. Претпоставувам дека притисокот врз тие луѓе продолжува и се бара некоја преносна структура да ја пренесе пораката. Не мислам дека ова е нешто сериозно, но тој продолжува да биде фактор за нестабилност и тоа ме загрижува мене, но ги загрижува и нашите меѓународни партнери – истакна премиерот Мицкоски, коментирајќи ги последните изјави на Ахмети.
Контрадикторно е само по себе некој да се претставува дека е предводник на некаков „европски фронт“, а во исто време да работи спротивно на евроинтегративните процеси на својата земја. Какви било внатрешни инциденти или нестабилност сериозно ќе влијаат врз европската перспектива на земјата бидејќи ЕУ јасно кажа дека не сака проблематични земји во свое друштво. Во исто време кога ЕК во неодамнешниот извештај за напредокот на Македонија јасно посочи дека институциите треба да бидат ослободени од секаков политички притисок, Ахмети врши директен притисок врз Уставниот суд, нешто што за официјален Брисел е целосно неприфатливо. Впрочем, Венецијанската комисија е таа што препорача одредени корекции на Законот за употреба на јазиците, иако ДУИ се оглушуваше и на ваквите препораки.
Сите овие примери јасно говорат дека нема ништо европско во Европскиот фронт, туку исклучиво борба за власт заради задоволување исклучиво лични интереси.
– Ахмети не доби никаква поддршка од меѓународната заедница. Тој мислеше дека залагајќи се за уставните промени ќе се доближи до Европа и дека таа ќе застане зад него. Брисел не реагираше, за Европа етничкото прашање е завршено и не го третира повеќе. Попусто Ахмети го прави сето тоа, сака да го сврти вниманието и да се стави во преден план, но тоа веќе е минато – појаснува Драган Јањатов, дипломат во пензија.
Некои од аналитичарите со кои се консултиравме анализираат дека не е исклучено во следниот период Македонија да заземе нова позиција во однос на новите геополитички случувања, имајќи ги предвид резултатите од изборите во САД, но и сѐ посилното влијание од страна на европските држави без излез на море (континенталните европски земји). Според нив, Македонија мора да се сврти повеќе кон остварување сојузништва и партнерства со овие европски земји наместо да се оптоварува со јаловите обиди на Ахмети да се факторизира.