ПО ПАТЕКИТЕ НА РАЃАЊЕТО НА ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ ДНЕВЕН ВЕСНИК
Со марш од околу 25 километри низ планински патеки го чествувавме легендарниот подвиг на партизаните, кои во 1944 година од Цветово до Горно Врановци на раце ја пренеле печатарската машина, на која е испечатен првиот број на „Нова Македонија“, на 29 октомври 1944 година
Над еден тон тешката печатарска машина „бостонка“, искалена од железо, рачно склопена, партизаните ја носеле на раце есента 1944 година, низ шумските патишта на Караџица. Низ полјани, ридови, гори, долини до Горно Врановци. На неа е испечатен првиот број на весникот „Нова Македонија“. Во чест на овој подвиг, 74 години подоцна, екипа на актуелниот состав на весникот „Нова Македонија“ (Ласте Димитриевски, Митко Јовановски, Дарко Андоновски, Орце Стојаноски, Гоце Цветаноски, Кристијан Новковски и јас, Сања Јачевска) веќе трета година по ред традиционално пешачи по патеките каде што поминувал карванот што ја носел драгоцената „бостонка“. Трета година ги тапкаме патеките по кои е пренесена партизанската печатница на која е испечатен првиот број на „Нова Македонија“, на 29 октомври 1944, во селото Горно Врановци. Оддаваме чест за пожртвуваноста на партизаните. Се присетуваме на херојските подвизи. Ставаме акцент на кoрените на македонската историја, на одлуките донесени на Президиумот на АСНОМ. Го поздравуваме круцијалниот партизански чекор направен во време невреме, кој ја маркирал почвата на македонскиот јазик и новинарство, кога почнала битката на буквите.
Со марш од околу 25 километри низ планински патеки го чествувавме легендарниот подвиг на партизаните. Нека остане запаметена, како патека на „Нова Македонија“.
Се сместивме во планинарскиот дом „Караџица“, каде што балконот со горски видик понуди освежително добредојде. Се наљубивме со погледи и мириси. Ноќта ја стопливме со дрвеното ќумбе. А за утрото ја резервиравме сета енергија. Полунаспани тргнaвме пред зори. Есенските мугри, благите утрински температури и брзиот чекор нѐ стоплија. Првите проблесоци на зората ги дочекавме на местото Плоча, каде што се пресретнеме со нашиот водич Фатмир Пајазити од селото Горно Јаболчиште, кој традиционално нѐ води до Горно Врановци. Нему предизвикот му е песна. Оттука, прва станица ни беше Горно Јаболчиште. Од 1.650 надморска височина, етапно се спуштаме. Неколкупати налетавме на чопор овчарски кучиња. Лаежот ни ја згуснуваше линијата на движење. Дождот ни го забрза чекорот. По десетина изгазени километри, направивме чај-пауза во Горно Јаболчиште, па се упативме кон ридот над Горно Врановци. Околу 900 метри искачувавме низ разнолик предел, низ длабока мистична шума, оросени пасишта. Испарувањата од дождот приредија зрели октомвриски пејзажи со ниски облаци. Маглата ги придуши есенските бои. Ја затекнавме природата стишена. Кон музејското село се спуштивме по трнлив пат. Шипинки, капини и јаболка го засладија денот. Со лесно се спуштивме до маргините на цивилизацијата, до историското Горно Врановци, ’рбетот на македонското новинарство.
Благој Шошолчев во 1944 година своевремено бил организатор за пренесувањето на машините и материјалот за печатницата.
Од тогашната Народна и универзитетска библиотека во окупирано Скопје група храбри и млади илегалци ја пренеле во Горно Врановци. Цветово било првата станица каде што биле пренесени деловите од печатарската машина. Тогашното партизанско раководство планирало првиот број на новиот весник на македонски јазик да се отпечати во ова село. Но поради низа околности и близината до окупираниот град било одлучено машината преку Караџица да се пренесе во Горно Врановци, каде што била слободната територија и каде што дејствувал Главниот штаб на НОВ и на ПОЈ за Македонија, кој всушност бил и првата македонска влада.
– Партиското раководство на Народноослободителната војна на Македонија му посветувало големо внимание на организирањето илегални партиски техники, на кои на македонски јазик беа печатени голем број весници, билтени, радиовести. Нивното растурање меѓу борците и народот имаше значаен придонес во идејно политичкото и културно-просветно воспитување, како и масовно мобилизирање во борбата против окупаторите. Ширејќи ја вистината за Народноослободителната борба, овие пропагандни материјали беа силно оружје од кое окупаторите се плашеа. Во 1942 година во Битуше почна со работа првата печатница „Гоце Делчев“. Од 1942 до 1944 година е преместувана на разни места. Во 1944-та е пренесена во Горно Врановци. Овде примитивната преса е заменета со модерна печатарска машина, на која работеа повеќе печатарски работници. На печатарската машина „бостонка“ е отпечатен првиот број на „Нова Македонија“. Во мугрите на 29 октомври, партизанските „колпортери“ тргнаа на терен со првите пакети на весникот – се само дел од информациите што се расфрлани во куќата на печатот во Горно Врановци.
Партизанска печатница и ден-денес сведочи за макотрпната работа, силната волја, неуморниот дух.
На линијата и корените на АСНОМ
Традиционално, и годинава во дворот на првата македонска печатница во Горно Врановци одбележивме 74 години одржување континуитет и зачувување на традиција на весникот „Нова Македонија“.
Во неформална дружба, пријатно расположение, есенски амбиент го прославивме роденденот на првиот македонски дневен весник, се потсетивме на корените, на херојските дела што ја испишале историјата на македонскиот јазик, народ и новинарство. Дадовме јасна и силна потврда дека остануваме на линијата што ја постави првиот дневен весник на македонски јазик.
„Нова Македонија“ е архетип во македонското новинарство. Горно Врановци денес е село-музеј. Раскажува за најважните моменти од македонската современа историја.
Од своите почетоци до денес е зачувана 74-годишната традиција. За сите овие години постоење, „Нова Македонија“ е константа и ненадмината школа во македонското новинарство.
„Нова Македонија“ е прв и главен иницијатор за формирање на МАНУ. Архивата на „Нова Македонија“ денес е најголемиот и единствен сведок на најзначајните настани за македонската државност.