До овој момент, вкупно 632 македонски државјани се обратиле за информации и помош за евакуација од загрозените подрачја на Блискиот Исток. Најголем број пријави се евидентирани од граѓани кои се наоѓаат во Абу Даби, вкупно 447 лица, за кои во моментов се заокружуваат техничките и логистичките подготовки за нивно враќање со чартер летови.
Во Израел бројот на македонски државјани што побарале асистенција останува ист. Од нив, шест лица веќе ја завршиле евакуацијата, откако на сопствен трошок заминале со комерцијални летови кон Скопје. Преостанатите шест лица се очекува во текот на денот да бидат пренесени по копнен пат до Египет, а утре со владиниот авион да се вратат во државата.
-Тие ќе бидат сместени на безбедна локација, во хотел на товар на државата, а се очекува во текот на утрешниот ден со владиниот авион безбедно да полетаат кон Скопје – информира Министерството за надворешни работи.
Во Доха, помош побарале 136 македонски државјани. Паралелно, дипломатско-конзуларните претставништва работат и на изготвување посебен план за евакуација на граѓаните кои се наоѓаат во Бахреин и Кувајт.
Од Министерство за надворешни работи и надворешна трговија апелираат сите македонски државјани кои се наоѓаат во погодените региони – Обединети Арапски Емирати, Катар, Бахреин и Кувајт – доколку сè уште не го сториле тоа, веднаш да стапат во контакт со надлежното дипломатско-конзуларно претставништво или преку СОС-бројот на Министерството.
-Министерството за надворешни работи и надворешна трговија останува во постојан контакт и целосно на располагање на македонските граѓани, како и во редовна координација со надлежните локални власти, со цел безбедно и навремено спроведување на евакуацијата – се наведува во денешното соопштение.
































