Образованието во раното детство игра клучна улога во развојот на децата и има значајни позитивни социо-економски ефекти врз целото општество. Развојот на интелектуална љубопитност, истрајностa, социјалните вештини и емотивната стабилност во текот на детството се еднакво важни за успехот на децата во доживотното учење, социјалната интеграција, личниот развој и подоцна при вработувањето, рече министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, на денешниот завршен настан на кој се презентираа постигнатите резултати од проектот „Инклузија на децата Роми во предучилишното образование“.
Отстранување на постојните бариери за пристап до предучилишните установи на децата Роми на возраст од 3 до 6 години, инклузија на децата и нивна социјализација, како и зајакнување на свеста кај нивните родители за важноста на раниот детски развој и образованието на своите деца, се целите што беа поставени со овој проект, кој е од огромно значење за припадниците на ромската популација.
Министерката Шахпаска информира дека во текот на изминатите 15 години од имплементацијата на проектот бесплатно биле вклучени речиси 5.000 деца од ромската етничка заедница во 20 општини, а за таа цел биле ангажирани 20 негувателки Ромки, како и 17 медијатори што работат на проектот во соработка со градинките, негувателките и проектниот тим.
– Важно е да се напомене дека ромските деца не се сместени во сегрегирани групи во градинките, туку во интегрирани групи заедно со децата од другите заедници што живеат во Република Северна Македонија. Ова е уште еден доказ дека градиме општество еднакво за сите, општество што интегрира, а не сегрегира – истакна министерката.
Проектот „Инклузија на децата Роми во предучилишното образование“ во учебната 2020-2021 година беше имплементиран во 20 општини, при што беа опфатени вкупно 120 деца, бројка што ќе беше далеку поголема ако не беше пандемијата на Ковид-19 и пропишаните протоколи.
Министерката Шахпаска посочи дека овој проект придонесе и за зголемување на стапката на запишување на децата во прво одделение, кое значително го подобрува развојот на децата Роми и вклучувањето во образовниот систем.