Новоизбраните судии од редот на кандидатите од Академијата за судии и јавни обвинители, денеска во Судскиот совет дадоа свечена изјава со што официјално станаа судии. Како што истакна претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, станува збор за 49 нови судии, со кои се очекува да се ублажи проблемот со недостатокот на судии ширум земјава.
Ова е доста битен ден за македонското правосудство, за Судскиот совет, но и за нашата држава, нагласи Камбовски, бидејќи, како што рече, после долг период се избираат толкав број на судии кои сите потекнуваат од Академијата за судии и обвинители. Очекувањата се големи, додаде, и се во насока на тоа тие одговорно, професионално и со интегритет ја извршуваат судиската функција.
– Бројката од 49 судии не е за занемарување, таа е солидна бројка. Но, ова го ублажува проблемот и не го решава целосно. Ќе остане потребата од делигирање на судии особено на оние помали судови низ државата, каде долг период и покрај тоа што објавуваме огласи, никој не се јавува на тие огласи. Тоа е судот во Крушево како и други судови во источниот дел од државата. Проблемот го решаваме со делигирање на судии од поголемите судови – рече Камбовски.
Според систематизацијата, како што посочи, во судовите ширум земјава фалат околу 300 судии, но смета дека реалната потреба од судии е помала.
– Доколку одиме според систематизацијата станува збор за бројка од 300 судии кои фалат, но сметам дека реалниот број е понизок од таа бројка. Не би сакал да шпекулирам и да излезам со бројка, кога ќе се направи таа анализа која што се прави од страна на Судскиот совет, ќе имаме попрезицен увид колку судии ни фалат и во кои судови – вели Камбовски.
Во врска со изласаните интерпелации во законодавниот дом против петте членови на Судскиот совет, тој рече дека мандатите на членовите на Судскиот совет се загарантирани со Уставот и Законот за Судски совет.
– Како што имам нагласено во повеќе наврати изминатиов период, оставките се личен чин. Во поглед на покренување постапка за разрешување на член Судски совет, тоа е сосем друга постапка која што се водеше во Собранието. Единствено место каде што тоа е регулирано е во Законот на Судски совет. Очигледно оваа држава во одреден историски момент одлучила да донесе Устав каков што имаме, донесла Закон за судски совет каков што имаме и во тој Устав како и во Законот за судски совет дадена е таа гаранција за мандатите на членовите на Судскиот совет. Доколку некој сака тоа да го промени се знае која е постапката – рече Камбовски.