Во Министерството за надворешни работи беше одбележан 27 Јануари – Меѓународниот ден во спомен на жртвите на холокаустот.
Настанот почна со една минута молк во знак на почит кон жртвите што настрадаа само затоа што беа Евреи.
Воведно обраќање имаше министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој меѓу другото, ја нагласи важноста од сеќавање на холокаустот, кој не смее никогаш да се повтори, како и потребата од учење на лекциите што произлегуваат од тоа.
-Евреите ја платија најголемата цена на злосторничката нацистичката идеологија. Денес се сеќаваме на 6-те милиони Евреи кои не го преживеаја холокаустот. Наспроти огромните жртви, Евреите победија! „Ам Исраел хај“ или во превод „Живее народот на Израел“ се слуша денес на сите страни на светот, каде што живеат Евреи. Таа нивна победа над програмираното и системски спроведувано зло е и наша победа, победа на целото човештво. Таа победа е и предупредување: никогаш, никому и никаде повеќе! И, затоа, 27 јануари е датум длабоко врежан во нашата меморија. Но, не само да остане меморија, туку да биде и завет за иднината – рече Османи.
Тој истакна дека сеќавањето, образованието и развивањето на вистинските хумани вредности на меѓусебна почит, уважување и толеранција се особено важни за превенирање ова зло никогаш повеќе, никаде и никому да не му се повтори.
-Северна Македонија, горда на своето мултиетничко и мултикултурно општество, каде што секој граѓанин се чувствува свој на своето, независно од неговото име, потекло, јазик или вера, го чува и ќе го чува споменот на холокаустот, на 6-те милиони убиени Евреи, меѓу кои и 7.144 наши сограѓани, кои особено ќе ги споменеме повторно и на 11 март, на 80-годишнината од нивната депортација во Треблинка – истакна министерот.
Пригодни обраќања на овој настан имаа и амбасадорките: на САД – Анџела Агелер, на Шведска – Ами Ларсон Џејн, и на Израел – Симона Франкел, како и претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви.
Во присуство на амбасадори и други претставници на дипломатскиот кор, претставници на Еврејската заедница, на државните институции и академската заедница, одбележувањето на 27 јануари се заокружи со изложба насловена “За мене не постои друг избор”, придонес на Шведската амбасада во Скопје. Изложбата е сторија за шведскиот дипломат Раул Валенберг, кој успеал да спаси илјадници еврејски животи за време на Втората Светска војна во тогаш окупираната Унгарија.
Како земја членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот (ИХРА), Северна Македонија се сеќава на сите жртви од оваа црна дамка на историјата на човештвото, со цел да не биде заборавена и надеж – никогаш повеќе да не биде повторена.
Фото: Маја Јаневска-Илиева