Ден на свеста и поддршката за лицата со Даунов синдром
Секоја година на 21 март во светот се одбележува Меѓународниот ден за Даунов синдром – ден посветен на подигање на свеста за лицата со Даунов синдром и на промовирање на нивната инклузија во општеството.
Овој датум не е избран случајно: 21-виот ден од третиот месец симболично ја претставува трисомијата на 21-от хромозом, генетската карактеристика што го предизвикува Даунов синдром.
-Дауновиот синдром е генетска состојба која настанува кога наместо вообичаените две копии на хромозомот 21, лицето има три копии, што резултира со вкупно 47 хромозоми. Оваа хромозомска промена може да доведе до одредени карактеристики во физичкиот развој, како и до различен стил на учење и интелектуален развој. Сепак, современата медицина покажува дека со соодветна здравствена грижа, рана интервенција и инклузивно образование, лицата со Даунов синдром можат да водат активен и исполнет живот и да дадат значаен придонес во заедницата – објаснува проф. д-р Владимир Трајковски од Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет во Скопје.
Во Македонија, подигањето на свеста за оваа генетска состојба е дел од активностите на Македонското научно здружение за аутизам, кое во изминатите години активно работи на едукација на јавноста за развојните нарушувања и генетските состојби.
-По повод одбележувањето на 21 март, на Филозофскиот факултет во Скопје беа организирани три јавни трибини посветени на Дауновиот синдромот (2009, 2011, 2013 година), со преку 200 улесници, на кои се дискутираше за генетските основи, медицинските аспекти, образовната поддршка и општествената инклузија на лицата со оваа состојба – вели професорот.
Иницијатор и организатор на овие трибини беше токму проф. д-р Трајковски, долгогодишен истражувач и универзитетски професор кој работи на полето на генетиката, развојните нарушувања и рехабилитацијата. На трибините учествуваа експерти од различни области – дефектолози, лекари, психолози и родители – со цел да се поттикне поширока општествена дискусија за потребите и потенцијалите на лицата со Даунов синдром.
-Овие настани имаа за цел да ја нагласат важноста на раната дијагностика, медицинското следење и интердисциплинарната поддршка, но и да испратат порака дека лицата со Даун синдром се рамноправни членови на општеството, со свои таленти, способности и права. Одбележувањето на 21 март не е само симболичен датум, туку потсетник дека општеството треба постојано да работи на создавање услови за поголема инклузија, разбирање и поддршка за лицата со Даунов синдром и нивните семејства – додава проф. д-р Владимир Трајковски

































