Обвинителството за организиран криминал го достави до Советот на јавните обвинители извештајот за преземени активности и дејствија во предистражната и истражната постапка за случајот „Рекет” во кој е осомничена и специјалната обвинителка Катица Јанева.
Извештајот е доставен на барање на претседателот на Советот, Коле Штерјев кој сега треба да свика седница за да расправа околу статусот на Јанева, дали таа постапила незаконски и несовесно во вршењето на функцијата и да донесе одлука дали ќе иницира постапка до Собранието за нејзино разрешување.
Советот исто така треба да одлучи и дали ќе назначи вршител на должност на местото на Јанева, како што повика државниот обвинител Љубомир Јовески, повикувајќи се на постојниот Закон за обвинителство или тоа ќе биде оставено да го договорат најголемите политички партии кои ја избрале специјалната обвинителка, како што тврди претседателот на Комисијата за избори и именувања, Илија Димовски.
Мандатот на Јанева истекува на 15 септември, а партиите од понеделник се очекува да продолжат со преговори за новиот предлог-закон за обвинителство што ќе го реши статусот на СЈО.