Од редакциски агол
- Еден од битните белези на овие избори, иако локални, всушност е забележаната состојба во која „граѓаните помалку гласаа за ветените проекти од локален карактер, туку нагласено се одредија и гласаа за една стратегиска линија на политики што ги брани националното
достоинство и идентитет“! - Можеби е чудно, но навистина, на ова локално граѓанско изјаснување се доби впечаток дека во Македонија сега не се гласаше за улици, водоводи или за канализации – граѓаните гласаа за враќање на својата душа. Гласаа против сите што мислат дека националното чувство може да се продава како политичка стока. Со овој изборен резултат, граѓаните испратија јасна порака: дека не сакаат повеќе политика на виткање ’рбет, не сакаат повеќе прифаќање секакви туѓи диктати, услови, уцени, ултиматуми или земи или остави начини за договарање
- Овој изборен процес покажа дека граѓаните препознаваат дека во македонското повеќеслојно општество со години биле наталожени премногу неправди, понижувања и условувања – и од соседите и од најмоќните центри на светската политика. Секојдневно, под маската на дипломатски јазик, се бара од Македонија да се менува, да се приспособува, да се откажува од делови од својата историја, јазик… И, што е најсигнификантно, таквите притисоци и уцени беа прифатени, одобрувани и практикувани во политиките на одредени домашни политичко-партиски групации, групи интелектуалци, невладини организации, поединци…
1. Гласот на граѓаните повеќе ги потврди актуелните стратегиски определби, а помалку локалните политики
Македонија се изјасни на првиот круг од локалните избори. Тие ќе останат запаметени како многу повеќе од обично гласање за градоначалници и општински совети, бидејќи на своевиден начин беа дополнителна (уште една) потврда за неодобрувањето, незадоволството и спротивставувањето одредени доскорешни политики на попуштање што водеа до обезличување на македонската нација и држава.
Имено, граѓаните го изразија ваквиот став и на претходните (парламентарни) избори, а гласањето во неделата беше уште една потврда дека и опашките од таквите политики, треба да заминат во историјата.
Потврдата од страна на граѓаните во корист на други и различни стратегиски насоки (од доскорешните неолиберални) на овие локалните избори беше плебисцитарна и длабоко демократска. Без некакви поттикнати „револуции“, без транспаренти и без пароли – туку со мирен, но моќен отпор изразен преку гласачкото ливче. Еден од битните белези на овие избори, иако локални, всушност е забележаната состојба во која „граѓаните помалку гласаа за ветените проекти од локален карактер, туку нагласено се одредија и гласаа за една стратегиска линија на политики што ги брани националното достоинство и идентитет“!
Овој изборен процес покажа дека граѓаните препознаваат дека во македонското повеќеслојно општество со години биле наталожени премногу неправди, понижувања и условувања – и од соседите и од најмоќните центри на светската политика. Секојдневно, под маската на дипломатски јазик, се бара од Македонија да се менува, да се приспособува, да се откажува од делови од својата историја, јазик… И, што е најсигнификантно, таквите притисоци и уцени беа прифатени, одобрувани и практикувани во политиките на одредени домашни политичко-партиски групации, на групи интелектуалци, невладини организации, поединци… Но, и покрај таквите политички еквилибристики, мнозинството граѓани и сега јасно се изразија, потврдувајќи дека е доста чекорење по тие линии на дефетизам и автоденоминирање.
На овие избори плебисцитарно вторпат се потврди дека мнозинството граѓаните препознаваат и потврдуваат дека го прифаќаат курсот на суверенизмот како идеологија и доктрина, која поддржува враќање и зачувување на политичката независност на нацијата, која со концептот на попустливоста некои ја ставија во предворјето на свое обезличување.
Ова не беа обични локални избори. Тие всушност беа и по вторпат со незадржлив излив на бестрашност, без доскорешното колективно чувство на загрозеност, со израз на тивок но јасен и педантно изразен гнев што со години растеше, а беше ослободен и вивна на претходните избори, па се потврди на овие локални избори.
Можеби е чудно, но навистина, на ова локално граѓанско изјаснување се доби впечаток дека во Македонија сега не се гласаше за улици, водоводи или за канализации – граѓаните гласаа за враќање на својата душа. Гласаа против сите што мислат дека националното чувство може да се продава како политичка стока. Со овој изборен резултат, граѓаните испратија јасна порака: дека не сакаат повеќе политика на виткање ’рбет, не сакаат повеќе прифаќање секакви туѓи диктати, услови, уцени, ултиматуми или земи или остави начини за договарање.
Граѓаните потврдија дека сакаат политика на дигнитет, гордост и почитување на сопствените вредности. Оваа победа не е само од локален карактер – таа е сенародна, бидејќи го симболизира моментот кога граѓаните решија да потврдат дека ја враќаат полека но сигурно контролата врз сопствената судбина. Нацијата ја прифати онаа политика што ги штити македонскиот идентитет, јазик и национално достоинство, а ја казни политиката на сервилност и попустливост. Со тоа го испрати во историјата начинот на размислување дека „ако попуштиме малку, ќе добиеме нешто за возврат“. Овој пат, народот одлучи да не попушта, бидејќи сфати дека секое „малку“ што сме го прифаќале во минатото станувало огромен чекор кон бришење на сопственото битие.
Гласањето беше, всушност, акт на самопочит. Македонците покажаа дека иако живеат во мали градови, во не толку богата држава и со ограничени можности, имаат големо чувство за правда и самопочит. Тие низ демократски инструменти на изјаснување, а не со екстремизам и радикализација, покажаа дека нема да дозволат Македонија да биде лабораторија за туѓи експерименти.
Во секое гласачко ливче се чувствуваше демонстрација на желба за заземање нов курс, препознавање на профилот на неискрените пријатели од меѓународната заедница, но и против домашните групи и поединци чии лукративни интереси се ставани над националните и државните. Белегот на овие избори дефинитивно е дека плебисцитарната победа е доказ дека завршува времето на политичко подаништво. Македонија сака да соработува со сите, но нема да клекне пред никого. Народот не се противи на Европа – се противи на двојните аршини и на лицемерството што се кријат зад „европските вредности“. Македонија не сака да живее во изолација, туку во почит. Не сака да биде понижена, туку рамноправна.
Резултатот од изборите е јасен сигнал дека политичарите мора конечно да го слушнат гласот на граѓанинот – не оној што дел од политичарите го слушаат од бриселските кабинети, туку оној што се чувствува по улиците, по домовите, по селата и градовите. Народот сака држава и право што ќе се брани, а не што ќе се продава. Сака власт што ќе зборува со народот, што ќе биде во негова функција, а не што ќе му држи лекции. Оваа победа е победа на вербата во себе, победа на духот што преживеал сè – од поделби и понижувања до уцени и неправди. Македонија докажа дека може да изгуби многу, но никогаш нема да го изгуби својот идентитет.
Народот гласаше со срце, не со страв. И со тоа ја напиша новата страница на македонската современост – страница на исправеност, достоинство и непокор. Но тоа создава нова и уште поголема одговорност за избраните лидери! Затоа што сега грото од нацијата застана зад избраните. И, изневерување на очекувањата на граѓаните не е опција! Граѓаните со својот глас ја потврдија стратешката линија на политиките по кои сакаат да се чекори. И никому нацијата ниту државата нема да му прости доколку се калкулира или се скршнува од тој суверенистички пат трасиран низ македонската историја од страна на македонскиот народ. Н.М.
2. Делегитимирање на политиките на сегрегација, сепарација и шовинизам
- Особено е значаен сигналот што доаѓа од гласачите во албанскиот блок, каде што тешките националистички пораки традиционално носеа најмногу политички поени. Овој пат тие пораки очигледно не поминаа. Граѓанската и политичката зрелост си го направија своето. Македонските Албанци, исто како и Македонците, Турците, Србите, Ромите и сите други, покажаа дека сакаат стабилност и соживот, а не политика изградена на меѓусебна недоверба. Тоа е зрелост што ретко се гледа во регионот и која претставува еден од најважните знаци дека македонското општество конечно расте. И се развива
Локалните избори во Македонија оваа година донесоа резултат што надминува обичен политички настан. Тие претставуваат длабока општествена порака, доказ дека земјата полека но сигурно излегува од сенката на национализмот со искри на шовинизам и влегува во фаза на зрелост, концепт за соживот и заедничка иднина. Се разбира дека и сега и историски македонското општество било повеќеслојно. Но граѓаните, без разлика на верата, етничката припадност или политичкото убедување, покажаа дека веќе не сакаат да бидат заложници на анахрони индуцирани поделби и празни пароли по тој основ.
Овие избори покажаа дека граѓаните конечно почнуваат да гласаат со разум, а не со наметнат страв од клановски и мафијашки закани.
Темите што со децении доминираа во јавниот дискурс – остра етноцентрична реторика, заплашувања со поделби, потсетување на стари конфликти – ја губат својата сила. Тоа е вториот силен белег на овие избори. Милитаризмот, екстремизмот, шовинизмот и сегрегацијата беа страшно делегитимирани.
Луѓето се заморени од постојаното потпалување на етнички емоции и од тоа што политичарите ја користат националната припадност како последно засолниште.
Се покажа дека граѓаните не сакаат повеќе да слушаат кој е „вистинскиот“ патриот или кој „посилно ја брани својата нација“. Тие сакаат да знаат кој ќе направи квалитетот на живеењето на граѓаните да биде на повисоко ниво, но без притоа да им го загрози нивниот индивидуален и колективен карактер. Се разбира дека граѓаните веќе не претпочитаат милитаризам и воен конфликт наспроти подобри улици, почист воздух, повисоки плати, подобро образование и стабилна иднина за нивните деца. Тоа е новата реалност во Македонија – луѓето сакаат (со)живот, а не поделби.
Особено е значаен сигналот што доаѓа од гласачите во албанскиот блок, каде што тешките националистички пораки традиционално носеа најмногу политички поени. Овој пат тие пораки очигледно не поминаа. Граѓанската и политичката зрелост си го направија своето. Македонските Албанци, исто како и Македонците, Турците, Србите, Ромите и сите други, покажаа дека сакаат стабилност и соживот, а не политика изградена на меѓусебна недоверба. Тоа е зрелост што ретко се гледа во регионот и која претставува еден од најважните знаци дека македонското општество конечно расте. И се развива.
Полека, но сигурно, луѓето ги праќаат во историјата оние политичари што со години се држеа за фотелјите со националистички пароли и вешта манипулација на етничките чувства. Тие што се одржуваа на власт преку потсетување за неказнивост за дела направени во текот на воениот судир и дека се над законот и Уставот, оние што продолжија со потпалување омраза, поделби и страв, и врз сето тоа накалемија поведенија на корупција и недопирливост, сè повеќе се препознаени како деструктивци и ја губат довербата меѓу гласачите.
Граѓаните веќе и на полноќ ја препознаваат измислената драма што се повторува на секои избори – сценарио во кое се повикува на етнички конфликти само за да се прикријат сопствените неуспеси, корупција и недостиг од идеи.
Се легитимира пак во едно ново време, нова генерација луѓе во политиката. Тоа се луѓе што разбираат дека иднината на Македонија не лежи во национални поделби, туку во заеднички, заемни интереси. Луѓе што веруваат дека државата не треба да биде збир од етнички ентитети што живеат еден покрај друг, туку една заедничка куќа во која народот и малцинствата имаат највисоки според Уставот и законите права и можности. Новата политика што се раѓа во Македонија ја става општата благосостојба пред сè друго – пред етничката припадност, пред конфесионалната припадност, пред партиската припадност…
Таа нова свест се гледа на теренот. Граѓаните гласаат со ист мотив – да живеат подобро, да имаат правда, работа и перспектива. За нив, националноста не е мерка на вредност, туку дел од културното богатство што сите заедно го споделуваме.
Токму затоа овие избори може да се наречат победа на разумот над предрасудите, на соживотот над поделбите, на зрелоста над политичката манипулација за предностите на сегрегацијата и сецесијата. Тоа е нова страница во македонската демократија – страница на заемно уважување за повисоки цели, меѓусебно почитување и вера во заедничка иднина.
Пораката што ја испратија граѓаните е јасна: времето на страв и поделби заврши. Народот повеќе не сака да слуша за замислени непријатели и за наметнати закани. Сака решенија, а не изговори. Сака политичари што ќе зборуваат за економија, образование и животна средина, а не за тоа кој е „поголем Албанец“ или „поголем Македонец“.
Овие избори го потврдија она што одамна требаше да се случи – дека во Македонија постои заедничка желба за нормален, достоинствен живот, без поделби и без омраза.
НЕ за националната исклучивост и дезинтеграција! ДА за соживот, за еднаквост и за иднина што не прави разлика меѓу вера, нација или боја на кожата.
И тоа е најубавата вест од овие избори. Тоа е вистинската победа – победа на зрелоста над незрелоста, на духот на македонската нација над политичките калкулации. Македонија го направи својот чекор напред. Полека, но сигурно, национализмот, шовинизмот и исклучивоста заминуваат во историјата, а на нивно место доаѓа една нова идеја – идејата за Македонија како заеднички дом за сите нејзини граѓани. П.Р.