Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денес имаше средба со претставниците на Европскиот муслимански форум предводени од претседателот на овој Форум, Абдул-Вакхед Нијазов.

Посакувајќи им добредојде на гостите, Џафери упати поддршка за нивната досегашна активност и работа која е во насока на тоа да ја претстави во Европа и светот вистинската слика за исламот како религија, и исламската свест во целина.

Тој се осврна на значењето и придобивките што ги има нашата земја со тоа што е мултиетничко општество и која претставува пример за соживот во регионот.

– Самиот факт што јас како припадник на албанската заедница сум веќе петта година или втор мандат Претседател на Собранието и втор човек по функција во државата, говори доволно за нашите предности како мултиетничко општество – нагласи Претседателот Џафери.

Во продолжение, тој ја нагласи и нашата заедничка стратешка определба за споделување на европските вредности во целост, а тоа го потврдуваме и со самиот факт што веќе сме земја членка на НАТО и земја која се очекува да ги започне преговорите со ЕУ.

Претседателот на Европскиот муслимански форум, Абдул Вакхед Нијазов, упати благодарност до Џафери за можноста за оваа средба и истакна дека му е чест да престојува во Република Северна Македонија, земја која е светол пример во регионот кога се во прашање почитувањето на религиските различности и права, мирот и соживотот.

Тој нагласи дека, иднината на Европа е незамислива без муслиманскиот народ кој брои некаде околу 170 милиони. Тоа е народ кој е образован, материјално ситуиран и силно етаблиран во политичкиот, економскиот и општествениот живот ширум европските земји. Муслиманите во Европа, за разлика од оние кои живеат на другите континенти, живеат во демократски држави и општества и тоа претставува голема предност за нив во однос на останатото муслиманско население ширум светот, нагласи претседателот Нијазов. Тој исто така говореше за потребата од почитување на меѓусебните различности и толеранција и тоа претставува единствен услов за живот во мир и стабилност во европските земји.

На крај соговорниците заедно се согласија дека, ќе продолжат да работат на полето на етаблирање и промовирање на меѓусебното почитување и соживот.