Претседателот на Собранието, Талат Џафери од свое лично име и од име на пратениците во Собранието, упати честитка по повод 8 Септември, како што вели, најзначајниот ден во растот и развојот на нашата држава – Денот на независноста.
– Преку оваа честитка, со обраќам до Вас граѓаните за искрено и најсрдечно да Ви го честитам роденденот на Републиката – истакнува тој.
Претседателот на Собранието нагласува и дека искуството од минатото покажало дека ниту еден предизвик не е доволно голем за моќта и нескршливоста на единството.
– Заедно растеме, се справуваме секојдневно со секакви предизвици, ситуации, кризи од секаква природа и тоа го правиме заедно, како семејство затоа што тоа е најдобриот начин, така сме најсилни, и така сме непобедливи. Ниту еден предизвик не е доволно голем за моќта и нескршливоста на единството, па дури ни пандемијата на ковид-19 која надвиснала над целата Земјина топка и ги става на тест здравствените и економските системи на државите. Ќе го надминеме и ова, заедно, сплотени, со целосно почитување на здравствените и други протоколи – посочува Џафери.
Тој додава дека републиката, низ годините, доживеала и преживеала низа кризи, дури и конфликт, меѓутоа, секогаш го знаела својот пат и правец.
– Доказ дека е на вистинскиот пат е и овогодишниот огромен успех, полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО, моќниот воено-политички сојуз, и тоа е успех за нас, за безбедноста и сигурноста на државата. Продолжуваме понатака, кон следната цел, кон следниот успех, полноправното членство во Европската Унија. За тој сон да стане реалност, мораме да ја задржиме истата динамика, истиот жар и посветеност и секако, верба дека ќе успееме. А ќе успееме ако изградиме силни, функционални институции кои во секој миг, во секој агол од оваа наша прекрасна татковина, ќе работат и придонесуваат подеднакво, искрено и транспарентно – нагласува Џафери.
– Почитувани, нека ни е среќна и долговечна, нека расте и се развива во напредна, економски силна и европска Република Северна Македонија – вели на крајот од честитката по повод Денот на независноста, претседателот на Собранието, Талат Џафери.