На средба со потпретседателот на Националниот комитет на Народната политичка консултативна конференција, Џанг Чингли, претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој предводи собраниска делегација во официјална посета на Народна Република Кина, истакна дека минатогодишната посета на Џанг на нашата држава и оваа возвратна посета го покажуваат заедничкиот интерес за натамошно унапредување на односите и продлабочување на соработката.
Како што информираат од неговиот кабинет, Џафери истакнал дека ваквите посети на високо ниво и добрите политички односи, носат со себе и голема придобивка за граѓаните, а тоа е проширување на економската соработка.
Тој во текот на разговорите акцентот го ставил на искористување на можностите за економска соработка и нагласил дека, покрај учеството на кинеските компании во изградба на два автопати во нашата земја и можното учество во изградбата на железничката инфраструктура, кинеските инвеститори би можеле да најдат свој интерес и во слободните економски зони и во инвестирањето во капацитети за обновлива енергија.
Како потврда на ваквата определба, Џафери го посочил активното учество на нашата држава во процесот на соработка 17 + 1 на Народна Република Кина и земјите од Централна и Источна Европа.
Потпретседателот Џанг на средбата истакнал дека зајакнувањето на парламентарните односи дава значаен придонес на добрите билатерални односи, а предлозите за поинтензивна економска соработка ги оценил како полезни за двете држави.