Родителите што се обидуваат да ги воспитуваат децата со насилство најчесто се чувствуваат беспомошни во тој сегмент од родителството, не знаат како да се справат со детето кога тоа не се однесува како што сакаат тие, сметаат психолозите
Осум од десет родители ги воспитуваат своите деца со насилство, покажа неодамнешното истражување што го направи УНИЦЕФ. Очигледно е дека голем број од родителите уште мислат дека ќотекот излегол од рајот, па методот на воспитување со тепање на децата го применуваат секојдневно. Меѓутоа, таквиот однос ги прави децата агресивни и непослушни, па наместо проблемот да се решава, дополнително се зголемува. Стресот во кој живеат децата и родителите во таквите случаи само предизвикува повеќе такви ситуации, кои придонесуваат за повеќебројни насилни ситуации.
– Сметам дека кога ќе се заканам со ќотек или, пак, кога ќе го удрам детето, го воспитувам. Така ме воспитувале и мене па ништо не ми фали. Израснав во личност со здрави сфаќања, со вистински вредности. И не сум само јас така растена. Сите од мојата генерација јадеа ќотек, па ништо не им недостига. Мислам дека денес проблемот е токму во тоа што родителот повеќе не смее никаков авторитет да постави над децата, бидејќи тоа веднаш се препознава како насилство – вели Сузана Т., мајка на две деца.
Психолозите велат дека кога родителот психички или физички го малтретира детето, тоа не е воспитување – тоа е насилство.
– Воспитувањето деца е благородна работа и таму нема насилство. Родителите што се обидуваат да ги воспитуваат децата со насилство најчесто се чувствуваат беспомошни во тој сегмент од родителството, не знаат како да се справат со детето кога тоа не се однесува како што сакаат тие. Родителите што се насилни кон децата, најчесто и самите имале насилни родители, или барем еден од нив ги тепал, удирал или на друг начин ги малтретирал. Последицата е тоа што децата на тој начин не се чувствуваат безбедни со родителите и тоа создава чувство на анксиозност и други психосоматски нарушувања што може да ги следат до крајот на животот. Ако еден родител стигне дотаму да почне да го тепа, навредува или на друг начин да го малтретира детето и стане свесен за тоа, најдобро е да поразговара со стручно лице (психолог, педагог, социјален работник) за да научи како конструктивно да ги решава проблемите со детето – вели психологот Лидија Зорба.
Од првата детска амбасада „Меѓаши“ велат дека доаѓањето на првото дете во семејството, но и секое наредно дете, си носи своја динамика што ја менува динамиката на семејството.
– Стануваме родители/старатели со искуството и сликата за родителството што ја носиме од нашите родители/старатели. Особено кога станува збор за првото дете, немаме реална идеја како е да се биде родител. Секој од нас е различна индивидуа и носи различно искуство, потекнува од различно семејство во кое имало различни родителски стилови. Некој можеби имал искуство во семејство во кое насилството е прифатливо во која било форма. Оттаму, истиот модел го практикува и со своите деца. Растен/а е со идејата дека децата се мали, родителите се тие што носат одлуки за нив и ги исклучуваат од процесот на донесување одлуки. Генерално е прифатена идејата дека удирањето, казнувањето како мерки за дисциплина се во ред и дека тие не го трауматизираат детето, што е сосема погрешно. Тоа што како општество треба да направиме, е првенствено да ги научиме родителите дека може и поинаку. Да ги научиме што всушност подразбираат позитивните мерки за дисциплина и дека тие не го намалуваат авторитетот на родителите. Да им објасниме дека родителството е процес што се учи и има ефект ако навремено застанеме и прифатиме дека сме грешеле и дека не сме постапувале најсоодветно со нашите деца. Да бидеме поддршка за родителите – велат од „Меѓаши“.
Оттаму додаваат дека поттикнувањето на одговорно родителство е важно и токму поради тоа имаат и многубројни кампањи за да се издигне свеста за него.
– Во процес сме на изработка на брошури и прирачници за позитивно родителство и позитивни мерки за дисциплина. Наедно одржавме работилници наменети за родители на оваа тема. Нашето искуство вели дека родителите се заинтересирани и сакаат да научат како да бидат подобри родители, но им треба континуирана поддршка.
Потребно е заеднички здруженијата на граѓани и институциите да преземат координирани активности за да се зголеми свесноста и да им се помогне на родителите. Веќе се преземаат активности во оваа насока и важно е тие да продолжат. Верувам дека секој може да биде добар родител/старател – информираат оттаму.