Сѐ погласни ставовите за ангажирање странски експерти за раководители на институциите
Правните експерти и стручната јавност се едногласни дека е рано да се зборува за какво било ангажирање странски експерти на челни позиции во државава што би помогнале во работата на правосудството кога земјава, и покрај сѐ, има соодветни квалитетни кадри. Сепак, во изјавите на нашите соговорници провејува и сфаќањето дека во конкретната ситуација што се наметнува и компликува, постои нишка како „нужна потреба“ од ангажирање професионални лица од надвор, бидејќи ниту граѓаните ниту политичарите се задоволни од работата на државните институции што се „справуваат“ со криминалот и корупцијата. Но, пред сѐ, значајно е да се истакне дека постои пречка што не го дозволува тоа, а тоа се Уставот и законите на Македонија
Сѐ погласна е идејата шефот на новото одделение за гонење организиран криминал и висока корупција што се очекува да го наследи специјалното јавно обвинителство да биде странец. По минатонеделните заложби на дел од албанските партии туѓинец да седне на жешкото столче на СЈО, деновиве и претседателот Стево Пендаровски рече дека нема ништо против вмешување стручни и компетентни странски експерти во својата област што би ѝ помогнале на државата. Претседателот Пендаровски на новинарско прашање како гледа на идејата на Алијансата на Албанците за специјален јавен обвинител странец, рече дека не е нова и дека нема проблем со тоа земјава да добива странска помош.
– Ако се сеќавате, во 2006 година имаше една таква идеја за државен јавен обвинител странец. Толкувањето на правниците во тоа време беше дека тоа не е можно. Во принцип, никогаш не сум имал проблем со вмешувањето на странците ако се компетентни и стручни во која било област. Конечно гледаме дека има само позитивно влијание од вмешувањето на странските политичари, ЕУ, НАТО, пријателски држави. Не знам дали е можно тоа, принципиелно говорејќи би сакал да видам вклученост на странски стручни лица во поддршка на нашиот правосуден систем – изјави Пендаровски.
Ваквата изјава на претседателот наиде на верижни реакции кај дел од домашните експерти, за кои таквата теза со увезување кадри и нивно поставување на челните позиции во органите што ќе се справуваат со криминалот и корупцијата, во најмала рака, е невообичаена и несвојствена за прв човек на една држава, поаѓајќи од фактот што преку една таква изјава, институцијата претседател ги потцени или омаловажи домашните потенцијали.
Професорот Љубомир Цуцуловски за изјавата на претседателот Стево Пендаровски со доза иронија ја коментира идејата за шеф на специјалното јавно обвинителство да биде странец и се надоврзува на нему својствен начин, прифаќајќи ја логиката на изјавата на претседателот.
– Интересна е изјавата на Стево Пендаровски за ангажирање странци во работата на некои државни институции, како што е функцијата прв човек на СЈО. Следејќи ја оваа насока, зошто не би можело, принципиелно говорејќи (како што убаво се изрази Пендаровски), меѓу првите примери да биде функцијата претседател на државата, особено ако се има предвид дека личниот пример секогаш е најсилниот пример. Во спротивно, сѐ останува само на гол збор – вели Цуцуловски.
Професорот дури ја проширува идејата, употребувајќи стилска фигура на привидна согласност и пофалба и вели дека „би можело, според примерот на Обединетото Кралство (лулката на парламентарната демократија) да се суспендира парламентот и без какви било „непотребни“ процедури да се донесат сите потребни закони, акти, договори и сл.
– Потоа, Собранието би можело повторно да се активира. Меѓутоа и не мора, бидејќи во парламентите премногу се зборува, па тоа само им ја усложнува работата на властите. Само на тој начин, ми се чини, котвата ќе повлече напред, што ќе рече надолу. За ова, исто така, би можеле да размислат и советниците на Пендаровски, бидејќи за тоа се платени“ – дополнува професорот Цуцуловски.
Од друга страна, правните експерти и стручната јавност се едногласни дека е рано да зборува за какво било ангажирање странски експерти на челни позиции во државава што би помогнале во работата на правосудството кога земјава, и покрај сѐ, има соодветни квалитетни кадри. Сепак, во изјавите на нашите соговорници провејува и сфаќањето дека во конкретната ситуација што се наметнува и компликува постои нишка како „нужна потреба“од ангажирање професионални лица од надвор, бидејќи ниту граѓаните ниту политичарите се задоволни од работата на државните институции што се „справуваат“ со криминалот и корупцијата. Но, пред сѐ, значајно е да се истакне дека постои пречка што не го дозволува тоа, а тоа се Уставот и законите на Македонија.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски смета дека во овој момент, ваквата идеја што се пласира во јавноста за ангажирање странци на високи функции во судството или обвинителството е само политички памфлет на партиите и чист нивен популизам. Тоа, според него, е невозможно, бидејќи целокупната структура на правниот систем во земјава е така конципирана што не дозволува странец без македонско државјанство да раководи со која било висока функција во земјава, а најмалку со јавното обвинителство.
– Едно е желбата ние да ангажираме странци на високи функции, друго е што во нашите закони и устави се инсистира на државјанство на државата во која се работи. Така што мислам дека овие пробни балони за ангажирање странци се од популистички карактер и ништо повеќе. Едноставно не треба да се размислува во тој правец за странец, бидејќи ниту Уставот ниту законите на земјава го дозволуваат тоа. Целокупната структура на правниот систем е конципирана така што тоа е невозможно, и сите вакви најави на политичарите ги гледам како јалово извитоперување на вистината во неможноста да се најде вистински човек и решение за конкретниот случај со СЈО – објаснува професорот Давитковски.
Професорот додава дека овие најави во јавноста за ангажирање странци во државните институции се слаби одеци на неспособноста на партиите да се договорат што понатаму во тој дел, кои ќе завршат за релативно кратко време и претставуваат чист популизам и замајување на јавноста.
Во меѓувреме, премиерот Зоран Заев во врска со идеите за ангажирање странци даде умерено, политички разумно мислење, при што вели дека поприфатливо е прво опозицијата да даде предлог експерт за споменатата позиција, наместо странец. Според Заев, за странски експерт ќе се размислува доколку од сите биде констатирано дека го немаме дома.
Ниту претседател ниту јавен обвинител не може да биде странец
Според членот 80 од Уставот на Република Македонија, претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, за време од пет години. За претседател на Републиката може да биде избрано лице што е државјанин на Република Македонија, кое на денот на изборите наполнило најмалку 40 години живот. За претседател на Републиката не може да биде избрано лице што до денот на изборите не било жител на Македонија најмалку десет години во последните 15 години. Оттука, сите гласини во јавноста за ангажирање најпрво јавен обвинител од друга држава, а потоа и претседател на Македонија од странство се невозможни, доколку во иднина не дојде до промена на Уставот. Според експертите, целосно е исклучена можноста специјалниот обвинител да биде странец. Ова решение е утврдено и со Уставот и со Законот за јавни обвинители.
– За јавен обвинител и заменик на јавниот обвинител може да биде именуван државјанин на Република Македонија што ги исполнува општите услови определени со закон за засновање работен однос во државен орган, дипломиран правник со положен правосуден испит, кој ужива углед за вршење функција на јавен обвинител, односно заменик-јавен обвинител – се посочува во законот.