Владата денеска на седница донесе одлука за обезбедување финансиски средства за реализација на меѓународната изложба „100 години Требениште“ што треба да се одржи во периодот од 15 ноември 2018 гoдина до 15 мај 2019 година, последователно во Скопје, Софија и Белград.
– Генералниот секретаријат на Владата е задолжен во рамки на предвидените средства потребни за Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија да обезбеди парични средства во износ од 1.200.000,00 денари во рамките на средствата обезбедени од државниот буџет за реализација на меѓународната изложба „100 години Требениште“, соопшти владината прес-служба.
По повод 100 години од првите истражувања на некрополата Требениште, кај Охрид, Археолошки музеј на Македонија, Национален археолошки институт со музеј – Софија и Народен музеј Белград во името на пријателските односи и соработката во областа на културно – историското наследство и научното истражување, ќе организираат три заеднички изложби, кои ќе се одржуваат последователно во Скопје, Софија и Белград.
– Изложбите се посветени на промоција на заедничките европски вредности и европската интеграција на Западен Балкан, прогласена за главен приоритет на надворешната политика на трите држави – Република Македонија, Република Бугарија и Република Србија. Со изложбата ќе се претстави еден дел од богатото културно наследство на Република Македонија, кое се наоѓа во три држави пред пошироката јавност со што истата одблизу ќе биде запознаена со еден од најзначајните локалитети од Република Македонија. Изложбата „100 години Требениште“ ќе биде несомнено најголемиот промотор на македонското културно археолошко наследство, се вели во соопштението од владината прес-служба.