Центарот за поддршка на домашни компании за настап на НАТО-пазарот наскоро ќе почне со работа во Министерството за одбрана, соопшти министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната прес-конференција во Центарот за обука на пилоти во касарна „Страшо Пинџур” во Петровец. Центарот се формира по членството на Македонија во Алијансата и по измените на Законот за тендери во одбраната.
– Измените на Законот за јавни набавки во одбрана и безбедност кои денеска стапија во сила ни ја отвараат шансата да им помогнеме на сите македонски компании во настапот на НАТО-пазарот. Со нашето членство во НАТО за сите домашни компании се отвори огромен пазар. Колку ќе искористиме ќе зависи од креативноста, способноста и интересот на компаниите, но и од поддршката која што ќе ја нуди државата изјави Шекеринска, додавајќи дека наскоро ќе бидат донесени подзаконските акти кои се неооходни за помош на компаниите, со што веднаш потоа со работа ќе почне Центарот за поддршка.
Министерката информираше дека веќе се одржани неколку состаноци со коморите и со специјализирани компании.