Државниот завод за статистика, во партнерство со УНИЦЕФ и ИНФПА почнува со собирање податоци за состојбата на семејствата во Македонија, со акцент на жените и децата, од аспект на приходи, условите за живот, пристап до здравство и образование, писменост, како децата се одгледуваат и дисциплинираат, како и за насилство во семејството. Во рамки на ова истражување ќе се собираат и податоци за лицата со попреченост. Резултатите од истражувањата треба да овозможат креирање политики кои ќе ги унапредат состојбите во овие сфери.
– Ова истражување ќе ни помогне да ги видиме разликите меѓу руралните и урбаните средини или сиромашните и богатите семејства. Податоците што ќе бидат собарни се важни, не само поради тоа што го мерат прогресот на земјата, туку и во напредокот или назадувањето во однос на други земји. Но најважно од се е тоа што треба да овозможи Владата и граѓанските организации да градат политики за надминување на констатираните состојби и јазовите, рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Македонија.
Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски се согласува дека оваа статистичка операција е од исклучителна важност, особено што, како што рече, со ниту една друга, па ниту со попис не може да се навлезе во толку детални податоци. Затоа тој апелира домаќинствата да покажат подготвеност за соработка.
– Со собраните податоци земјата ќе може во иднина да креира и развива политики за подобрување на состојбите на жените и децата. Самото покажување на состојбите нема никаков ефект ако не се преземат мерки и активности тие да се надминат. Ваквите податоци се многу потребни. Се надевам дека резулатите од анкетата понатаму ќе произведат вистински политики кои ќе ги унапредат состојбите во однос на тоа што ние ќе го констатираме со нашето истражување, рече Симовски.
Активностите на терен, појасни, почнуваат утре. Дванаесет тимови со вкупно 60 анкетари ќе посетат 6.240 домаќинства. Од нив 1.600 семејства треба да се припадници на ромската заедница. Ќе бидат опфатени различни региони во земјава и урбани и рурални. Тој очекува истражувањето да биде завршено до средината на март наредната година.
Анкетирањето ќе се врши во рамки на Мултииндикаторското кластерско истражување (МИКС). Последното вакво истражување е направено во 2011 година кога резултатите покажале многу мал пристап на деца од 3 до 6 годни до претшколско образование, голем степен на детска сиромаштија, големи разлики во богати и сиромашни смејства, како и семејства од рурална и урбана средина, голема смртност на доенчиња и разлика до пристап до здравствени услуги. Исто така, тие истражувања покажале дека Македонија е на второ место во регионот, (поранешна СФРЈ и Албанија) по употреа на физико казнување деца, но поажало и дека има проблеми со исхрана – од неухранетост, присустна кај ромските деца до сепоприсутна дебелина кај децата во Македонија воопшто.