Фото: Маја Јаневска-Илиева

Обемот и областите во кои ќе се вршат измените ќе бидат дополнително одредени, во зависност од направените анализи и истражувања. Целиот процес, како и сите други досега, ќе биде транспарентен и отворен за јавноста, информираат од Министерството за труд и социјална политика

Претставниците на Иницијативата за заедничко родителство интензивно работат на подготовки за нов предлог-закон за семејство, кој, според нив, наредната година треба да биде ставен на гласање пред народните избраници. Како што информираат претставниците, во мај годинава, во Комисијата за труд и социјална политика во парламентот, е донесен заклучок дека се потребни законски измени во насока на воведување заедничко родителство по разводот на брачните другари.
– Ова е голема новост, првпат државата призна дека семејното законодавство во однос на остварување на родителските права по развод е застарено и треба да се менува – вели Наум Рибароски, еден од основачите на иницијативата.

Рибароски вели дека работат на изработка на предлог-законски измени, во насока на воведување на заедничкото родителство по развод како прва опција за одлучување во бракоразводните парници.

– За да се осигуриме дека законските промени нема да останат само на хартија, одиме и чекор понатаму. Ќе предложиме и правилник за изработка на родителски планови, кој го подготвивме врз база на правилниците што се подготвуваат во државите од САД, а кои важат за најсеопфатни правилници во светот, подготвени со помош на светски признаени психолози и педагози. Правилникот ќе биде целосно усогласен со новите законски промени што ќе ги предложиме.

Со тоа, ќе се воспостави сет на правила за центрите за социјална работа, кои нема повеќе да одлучуваат субјективно и по правилото „секој втор викенд, плус неколку часа“ за секундарниот родител. Наместо тоа, ќе му се обезбеди значајно време на детето со секој од родителите, секако со одредени исклучоци за родители што не сакаат, не можат или не се подобни да го практикуваат заедничкото родителство – вели тој.

Тој најавува и дека ќе предложат и правилник за определување алиментација, бидејќи израмнувањето на улогите на родителите по развод и балансираното време што детето ќе го помине со секој од родителите, наметнува потреба за промена на начинот на пресметување и плаќање на алиментацијата.

– Наместо правилото дека секундарниот родител треба да плаќа за примарниот родител да го чува и воспитува детето, ќе предложиме целосно нов концепт, каде што основа за пресметка на алиментацијата нема да бидат приходите на секундарниот родител, туку потребите на детето, кои ќе се определуваат според возраста и вкупните приходи на двата родители (стандардот). Ваквиот износ ќе биде поделен помеѓу родителите пропорционално на времето што го поминуваат со детето и нивната заработка. Врз база на овие параметри ќе се определи кој родител треба да доплати и колку. Исто така, предлагаме и воведување на плаќање алиментација во натура, односно за конкретни потреби на детето (училиште, курсеви итн.), со што ќе се намалат паричните трансфери помеѓу родителите, а сепак потребите на детето ќе бидат намирени – вели Рибароски.

Тој истакна дека со ваквите измени сакаат од една страна да ја елиминираат практиката минорните износи на алиментација, кои најчесто се неколку илјади денари, да бидат единствена обврска за еден од родителите, а од друга страна да го елиминираат отпорот кон плаќањето алиментација, кој најчесто произлегува од неможноста да се види детето или обврската да се плати исклучиво во парична форма и исклучиво на сметката на бившиот брачен другар.

– Она што е важно да се напомене е дека овие проблеми со кои се соочуваме во Македонија, важат и на просторот на бивша Југославија, бидејќи во сите држави не се направени позначајни реформи во семејното законодавство уште од времето на Југославија. Поради тоа, претставници од сите здруженија од бившите југословенски простори што се залагаат за воведување заедничко родителство по развод, одржаа собир на 10 ноември во Нови Сад, каде што се потпиша декларација за меѓусебна соработка – информира тој.

Како што вели, декларацијата предвидува меѓусебна координација во напорите во секоја држава да се воведе заедничкото родителство како примарна опција за одлучување, а не само ако родителите така се договорат. Заложбите за израмнување на времето што ќе го поминуваат родителите со децата и сите придружни промени се заедничка потреба, а таа полесно ќе се оствари ако се изрази во цел регион истовремено и координирано, отколку ако во секоја држава посебно се зборува за проблемот.

– Она што е битно за нас е дека Македонија е навистина прва по нешто во регионот. Само кај нас државата официјално призна дека семејното законодавство треба да се менува и се надеваме дека конечно следната година Македонија ќе биде првата држава на Балканот што ќе го воведе вистинското заедничко родителство (не само по договор) во своето законодавство. Тоа навистина ќе биде нешто со кое ќе може да се пофали државата – заклучува Рибароски.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека за наредната година се предвидени измени и дополнувања на Законот за семејство, но не откриваат во кои области тој би се менувал.

– Обемот и областите во кои ќе се вршат измените ќе бидат дополнително одредени во зависност од направените анализи и истражувања. Целиот процес, како и сите други досега, ќе биде транспарентен и отворен за јавноста – информираат од Министерството.


Во три случаи годинава е одземено родителското право

Годинава било одземено родителското право во три случаи. Од први јануари 2018 година до први декември годинава, е завршена постапката за одземање на родителското право пред надлежен орган, велат информациите од Министерството за труд и социјална политика.
– Во тек е постапување на центрите за социјална работа за мерката одземање на родителското право уште за три случаи – информираат од Министерството.
Од Министерството информираат дека во ситуации кога се има сознание дека родителот го злоупотребува или грубо го занемарува вршењето на родителското право, центарот за социјална работа, другиот родител или јавниот обвинител можат до судот да поднесат предлог за одземање на вршењето на родителското право за едно или повеќе деца.
– Во Законот за семејство се наведени околности за поведување на постапката за одземање на родителското право, кога родителот врши физичко или емоционално насилство над детето; полово го искористува детето; го присилува детето на работа (просење) што не одговара не неговата возраст; на детето му дозволува употреба на алкохол, дрога или други психотропни супстанции; го нaведува детето на општествено неприфатливи поведенија; го напушта детето и подолго од три месеца не се грижи за детето и ако на кој било друг начин грубо ги крши правата на детето – велат оттаму.
Од 2014 до 2017 година бројот на постапки за одземање на родителското право се движи од 20 до 30 постапки на годишно ниво.

Фото: Маја Јаневска-Илиева