Вчера беше Јом Хашоа, национален комеморативен ден на холокаустот и херојството на државата Израел, којшто се одбележува според хебрејскиот календар, во сеќавање на востанието на Евреите во варшавското гето во 1943 година и како комеморативен ден на шест милиони Евреи убиени во холокаустот.
Иако секоја година заеднички сите членови на еврејската заедница го одбележуваат овој ден во Меморијалниот центар на холокаустот, оваа година Јом Хашоа официјално го одбележа само Благоја Младеновски, претседателот на Управниот Одбор на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, со палење на шесте меморијални свеќи во спомен на шесте милиони Евреи убиени во холокаустот.
Останатите членови на еврејската заедница го одбележаа Јом Хашоа со семејствата во топлината на нивните домови – со оддавање почит на Евреите убиени во холокаустот и потсетување на големото страдање на еврејскиот народ, имајќи ја на ум максимата „никогаш никому да не му се повтори“.
– На нас останува обврската да го негуваме нивниот спомен, да работиме во насока на едукација за холокаустот и борбата против антисемитизмот и сите други појави на говор на омраза и ксенофобија – порачуваат од еврејската заедница во Македонија. М.Ј.И.