За јазикот има мноштво народни мудрости, кои велат дека јазикот коски нема ама коски крши, или јазик клука, глава пука, или парафразирано дека јазикот сече поостро од сабја и продупчува посилно од куршум. Поентата е дека секаков вид јазични грешки, недоречености, двосмислености, може потоа да предизвикаат сериозни последици врз државата и да претставуваат опасно оружје во рацете на политичарите
Дел од лингвистичката наука одамна го истражува и се обидува да го систематизира феноменот на јазичните грешки, за кои дури и популарно е прифатен латинскиот термин – лапсус. Лапсусот (лизгање, грешка) е неволна грешка направена при пишување или при зборување. Овој феномен се покажал толку интересен што како тема на интерес не се задржал само во лингвистиката туку со него се занимава и психологијата, па Фројд смета дека лапсусот всушност не е случајна, ненамерна грешка, туку е „лизгање“ испуштање потиснат психички материјал.
Но кога јазичните грешки, недореченостите и двосмислените изјави ќе навлезат во политиката, тогаш штетата е многукратна и непоправлива и за поединецот, а уште повеќе за државата. Не случајно се вели дека јазикот може да биде опасно оружје во рацете на политичарите и од пресудно значење е како тој ќе се применува и користи. Секоја грешка, јазична злоупотреба, недореченост, двосмисленост може потоа да предизвика сериозни последици врз државата.
Но токму изминативе денови имавме серија јазични пропусти или недоречености на високи државни функционери на два одделни настана. Најпрво премиерот изјави дека холокаустот бил дел од традицијата на Евреите, за што потоа и се извини, додека шефот на дипломатијата предизвика вистинска лавина од реакции по изјавата дека „јазикот што го зборуваат Македонците во Северна Македонија и Македонците во Грција не е истиот јазик“.
По ваквата изјава, министерот за надворешни работи Никола Димитров (инаку потписник на договорот од Преспа) се најде во позиција да се дообјаснува и да ѝ ја појаснува на македонската јавност својата изјава.
– Суштината на договорот од Преспа, во секој случај еден од главните столбови, е прифаќање на различното разбирање на термините Македонија и македонски, кои за нас значат едно, а за Грција друго. Ние сме етнички Македонци, припадници на македонскиот народ, со сопствена историја, култура, и наследство. Ние зборуваме македонски јазик, кој е еден од јужнословенските јазици. Грчките Македонци, во грчкиот контекст и разбирање на овие поими се етнички Грци од грчкиот регион Македонија, кои зборуваат грчки јазик, со посебен однос кон хеленската цивилизација, историја, култура и наследство. Тоа е контекстот на мојата изјава при потпишувањето на спогодбата за отворање на граничниот премин во месноста Маркова Нога, на македонски јазик, на грчки јазик и на англиски јазик, која, меѓу другото, завршува со повикување на членот 7 – пишува Димитров во објаснувањето на социјалните мрежи за својата поранешна изјава.
Сепак, и таквото дообјаснување се чини дека воопшто не го разјасни претходниот „лапсус“ на Димитров.
– Наместо да се извини, министерот Никола Димитров ни го цитира „фамозниот“ член 7 од Преспанскиот договор (во духот на Колозова) и се брани со контекстот! Некои прашуваат на кој јазик зборувале неговите предци. Јас велам, од желба да биде субмисивен пред господарите, Димитров веќе и не знае кој политички коректен јазик го зборува – реагира на објаснувањето на министерот професорката Билјана Ванковска.
Заплетот со збунетите владини службеници со употребата на новиот „политички коректен јазик“, според Преспанскиот договор, продолжи со изјавата на портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, кој на новинарско прашање – на кој јазик зборуваат роднините на Егејците во Грција, одговара дека „ние не сме тие што треба да го детерминираме тоа“.
– Постои одредена категорија на население во Република Грција што говори на друг јазик. Но не сме ние тие што ќе детерминираат кој на каков јазик зборувал. Тоа ќе биде мешање во внатрешните работи на друга држава – вели Бошњаковски.
За политичкиот контекст на признавање и негирање на македонскиот јазик, кој е актуализиран со Преспанскиот договор и имплицира креирање некаков политички коректен новоговор, режисерот Владимир Милчин вели дека „јазикот може да биде опасно оружје во рацете на политичарите“.
– За македонскиот јазик, за неговото признавање, преименување или негирање од кого било и на каков било начин, не може и не смее да одлучува која и да е политичка партија или групација, на власт или во опозиција… Јазикот наш насушен е ризницата на нашата меморија, која ниту била ниту ќе биде парцелизирана со државните граници. Забранетите јазици, кои т.н. еднонационални држави на сите начини ги туркаат во заборав, држејќи ги надвор од образовниот систем и од медиумите, порано или подоцна ја напуштаат притаеноста и се огласуваат… Јазикот може да биде опасно оружје во рацете на политичарите. Тоа најдобро го знаат демагозите. За нив јазикот е инструмент за лажење. Но во јазикот се кријат и најефикасните лекови против лагите: поговорки, стихови, раскази и романи што ги разобличуваат демагозите. Јазикот што го зборуваме денес, некогаш го викале „нашински“, во обид да ја спасат главата. Јазикот со кој се разбираме со делови од населението во соседните држави, па и во држави преку океанот, се вика македонски и никој нема право да го нарече северномакедонски или да го загради во границите на Република Северна Македонија – пишува Владимир Милчин.
По Преспанскиот договор, се чини дека и неговите креатори и потписници се ставени во ситуација дополнително да ги „премеруваат“ своите изјави за да ги избегнат сите можни стапици на јазичната двосмисленост и политичката повеќезначност. Притоа, секогаш демне опасноста од лапсус лингве или лапсус Преспа, за што потоа ќе биде потребно можеби ново извинување. Сепак, за да се избегнат сите непријатности, веројатно наједноставно и најлесно е политичарите да се придржуваат кон светото кројачко начело „трипати мери, еднаш сечи“. Па, така, пред секој изговорен збор и пред секоја изговорена реченица задолжително и добро да ги премерат и промислат и нејзината тежина, значење и одек во јавноста.