Битолската гимназија слави 75 години од почетокот на наставата на македонски јазик
Хроничарите запишале дека кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, пред Балканските војни, во Битола имало 25 училишта.
Во 1892 година почнала да се одвива настава и во денешната гимназија, во зградата што му припаѓала на битолскиот бег, Сали-паша. Во неа се образовале ученици од целиот Битолски вилает.
На 5 февруари 1945 година, гимназијата го добива новото име „Гоце Делчев“. Во пожолтените страници на хроничарите стои запишано дека на тој ден, 1945 година, во скромно украсената сала на бината се појавил првиот директор, Ордан Печијаре, и објавил дека гимназијата од тој ден започнува со редовна настава на македонски јазик, што било проследено со громогласен аплауз.
Тогаш првпат стиховите на Константин Миладинов: „Т’га за југ“, „Бисера“, „Голопче“, како и стиховите на Кочо Рацин и убавиот македонски мелос на македонските народни песни ги растреперија срцата на присутните. Тоа било првпат, во гимназијата наставата да се изведува на македонски јазик, разбирлив за сите ученици.
Оттогаш цели 75 години во гимназијата, која го носи името „Јосип Броз Тито“ наставата се изведува на македонски јазик.
– Независно што македонскиот јазик низ историјата не се развивал непречено и мирно, туку во услови на најсурови негирања и забрани, сепак тој беше непокорна тврдина и израсна во јазик на автономен национален идентитет. Македонскиот јазик се покажа достапно отпорен и жилав и неговиот опстанок го одразува чудото и опстанокот на самиот македонски народ. Јазикот за сите нас е календар на душата – велат во гимназијата „Јосип Броз Тито“.
Гимназијата „Јосип Броз Тито“, која слави 75 години од почетокот на наставата на македонски јазик, е вистински расадник на мошне квалитетни и образовни кадри. Таа е престижна гимназија, каде што интересот за посетување настава секогаш бил над пропишаните квоти. Во оваа гимназија, средно образование завршиле 18 академици, по што е единствена не само во градот, туку и во државата.