ЕУ започнува сериозна борба со загадувањето предизвикано од употребата на фосилни горива, а холандскиот социјалист Франс Тимерманс ќе го предводи спроведувањето на „Европскиот зелен договор“, пакет на политики дизајнирани да се постигне континент без емисии до 2050 година. Каде е Македонија во тоа?
Додека светот сè повеќе се дистанцира од употребата на фосилни горива и бара алтернативи за нив во обновливите извори на енергија, во Македонија и натаму термоцентралите што работат на јаглен се главни снабдувачи со електрична енергија во земјава.
Главни потрошувачи на јаглен за производство на струја во земјава се РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“, од чие работење последиците од загадениот воздух и почва најмногу ги чувствуваат жителите на пелагонискиот регион и во Кичевско.
Апелите за почист воздух и здрава животна средина обично завршуваат со ветувања дека ситуацијата ќе се подобри откако земјата ќе се гасифицира, иако и гасот спаѓа во категоријата на фосилни горива.
Сличен проблем имаат повеќето земји на Балканот, но и во Европа, поради што ЕУ започнува сериозна борба со загадувањето предизвикано од употребата на фосилни горива, а холандскиот социјалист Франс Тимерманс ќе го предводи спроведувањето на „Европскиот зелен договор“, пакет на политики дизајнирани да се постигне континент без емисии до 2050 година.
Приоритетот за тимот на Тимерманс вклучува покачување на целта на ЕУ за намалување на јаглеродот од 40 отсто на 50-55 отсто до 2030 година, споредено со нивото од 1990 година.
Целата ЕУ досега успеа само да ги намали емисиите за 23,5 отсто, додека Шпанија бележи пораст од 17,9 отсто, што значи дека натамошното намалување од 26 до 31 отсто е доведено под знак прашалник.
– Вистинската цена на енергијата на фосилни горива останува скриена од вештачки ниските цени и не се земаат предвид еколошките и здравствените трошоци што ги предизвикуваат овие горива. Сите ние плаќаме двапати за фосилните горива – еднаш кога се користат јавните средства за субвенционирање на овој вид енергија од фосилни горива и вторпат кога општеството се занимава со здравствените трошоци поврзани од согорување фосилни горива – смета Срѓан Кукољ, советник за здравство и енергија за регионот на Балканот од невладината ХЕАЛ од Брисел.
Енергетските експерти сметаат дека ќе биде потребно подолго време Македонија да се ослободи од фосилните горива и дека тешко ќе ги постигне европските нормативи.
– Како што стојат сега работите, дури и да се направат Чебрен и Галиште, како и Вардарска долина, одвај би се покрило работењето на РЕК „Битола“. Но тоа е во идеални услови, проблем е кога ќе се погоди сушен период како оваа година – велат познавачите на состојбите.
Според нив, Македонија планира целосно да се откаже од употребата на јаглен и гас до 2050 година, но прашање е дали ќе се постигне оваа цел.
– Ако веќе не се користи јагленот за производство на електрична енергија, тоа ќе значи дека на годишно ниво нема да се согоруваат просечно седум милиони тони јаглен, а со тоа ќе се спречи емисија како во случајов за РЕК „Битола“ – истакнуваат експертите.
Тие додаваат дека со комбинирање различни енергетски системи, може целосно да се прекине со производството на електрична енергија од фосилни горива.
– Македонија има на располагање доволно обновливи ресурси за да може целосно да ги задоволи потребите за електрична енергија без користење фосилни горива. Технички е можно да се дизајнираат различни комбинации на енергетски системи што ги исполнуваат условите што се потребни да се оствари визијата за независност од фосилни горива. Технологиите веќе постојат, иако некои од нив треба и ќе се развиваат и понатаму во однос на цената, ефикасноста и карактеристиките на перформансите – сметаат експертите со кои се консултира весникот.
Како и да е, Европа ги постави целите – збогум за фосилните горива до 2050 година. Македонија има слична цел, но за да ја достигне веќе требаше да се почне со работа.