Албанскиот државен комитет за малцинства ја корегира грешката на веб страницата во делот резервиран за влашкото малцинство, па македонското малцинство повеќе не е Славомакедонско туку Македонско.
Ова е по одлука на Комесарот за заштита од дискриминација, кој позитивно одговори на барањето на Македонското друштво „Илинден“ со седиште во Тирана.
– Комесарот за заштита од дискриминација со одлука број 149, а по наше барање, по инситуционален пат побара да се отстрани од веб страницата на државниот комитет за малцинства, во делот резервиран за влашкото малцинство, терминот Славомакедонци. Комитетот експресно реагираше на одлуката и сега стои Македонци, како што стои во отстапениот простор од сајтот за другите малцинства – изјави за МИА, претседателот на МД „Илинден“, Никола Ѓурѓај.
Според него Друштвото, заедно со огранокот за Голо Брдо остро реагирале на преименувањето и во писмото до Комесарот побарале да се ангажира тоа веднаш да се корегира.
– Во барањето наведовме дека во Република Албанија е признато македонското национално малцинство, со мајчин македонски јазик – додава Ѓурѓај.
Според него ова е уште еден успех на Македонците во напорите да се елиминираат навредите на нивното достоинство и кршењето на нивните легитимни права.