Предлогот за уставни измени за поедноставно активирање на Армија во услови на криза нема поддршка, изјави продеканот за наука и развој на Факултетот за безбедност, Марјан Ѓуровски, кој денеска учествуваше на трибината за Национална платформа за намалување ризици од несреќи и катастрофи.
На трибината во Владата тој се осврна на таканареченото ново дефинирање на местото и улогата на Армијата и нагласи дека доколку се размислува за промена во начинот на донесување на одлуката за употреба на Армија мора да бидат консултирани претседателот на државата и партнерите од НАТО.
– Предлозите за уставни измени за активирање и дополнително вклучување на Армијата во системот за управување со кризи внатре на територијата на државата може да ги нарушат меѓуетничките односи, и мислам дека таа идеја од националната платформа за дополнителна промена на местото и улогата на Армија нема поддршка од политичките партии од етничките заедници, ниту, пак, кај експертите од правните и безбедносните науки. Инаку, улогата на АРМ во обезбедување на јужната државната граница во услови на криза чини многу финансиски средства и заради тоа треба да се размисли да се користи резервниот полициски состав во обезбедување на јужната граница во услови на прогласена кризна состојба на дел од територијата на државата. формирањето на единствен команден систем меѓу АРМ и МВР е добра идеја ќе ја зголеми меѓусебната координација – рече Ѓуровски.
Тој смета дека поддршка и двотретинското мнозинство за измени на законот за локална самоуправа и одземање на дел од надлежностите на градоначалниците за раководење со притивпожарните бригади нема да се обезбедат зошто таа идеја ја нарушува дезентрализацијата на власта.
Според професорот Ѓуровски, состојбата во системот за кризен менаџмент каде постојат две меѓусебно зависни но сосема одвоени тела, е неодржлива и резултира со преклопување на надлежностите меѓу Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.
– Потребно е редефинирање на системот за управување со кризи и заштита и спасување евентуално преку обединување на двете дирекции, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, во единствена институција со која ќе раководи Владата (прва реална опција), другите можности се враќање во Министерството за одбрана или МВР што не се среќни и добри решенија за македонски услови – нагласи Ѓуровски од Факултетот за безбедност – Скопје.