Би бил задоволен ако работата на Комисијата резултира со нови учебници по историја, не затоа што тоа го бара Бугарија, туку затоа што навистина има потреба од нивно подобрување, вели претседателот на македонскиот тим во заедничката Комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев, во разговор за „Дојче веле“.
– Би сакал да истакнам дека и во македонските и во бугарските историски учебници има простор за подобрување. Јас би бил задоволен доколку работата на Комисијата резултира со правење на нови учебници по историја во нашата држава, не затоа што тоа го бара Бугарија, туку затоа што навистина има потреба од нивно подобрување – истакна Ѓоргиев, одговарајќи на прашањето каква е македонската перцепција на Цар Самуил.
Тој се осврна и на несогласувањата од бугарска страна за користењето на придавката „македонски“.
– Бугарските колеги селективно ги користат Преспанскиот договор и договорот меѓу Македонија и Бугарија од 1999 година. Кога станува збор за тела и органи основани од државата, како што е нашата Комисија, тие не ги прифаќаат формулациите „македонските колеги од Комисијата“, туку „колегите од Комисијата на РСМ“, повикувајќи се на Преспанскиот договор. Или, во однос на учебниците кои се финансирани од државата, се инсистира на „учебници на РСМ“ и слично, наместо „македонски учебници“. Од друга страна, пак, во однос на македонскиот јазик го игнорираат Преспанскиот договор, и се повикуваат на Договорот од 1999 година каде тој е „македонски јазик во согласност со Уставот“ или „официјален јазик на РСМ“. Ваквата практика во работата на Комисијата е воведена некаде од октомври минатата година, додека претходно немаше никакви проблеми околу тоа – објаснува претседателот на македонскиот тим на Комисијата.
Ѓоргиев смета дека разговорите на комисијата треба да продолжат и покрај несогласувањата.
– Без оглед на сите несогласувања, прекинувањето на разговорите само уште повеќе ќе ги зголеми длабоките недоразбирања. Поради тоа сметам дека разговорите треба да продолжат – категоричен е Ѓоргиев.