Преклопување на надлежноста на шумската полиција и шумочуварите, несоодветната опрема и малиот број на кадар се неколку од причините поради кои шумите во Македонија страдаат, беше речено на денешната панел-дискусија насловена „Како до подобра контрола врз управувањето со шумите?” што ја организира Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на кампањата „Разбистри сè”.
Учесниците на панел-дискусијата истакнаа дека политиката е длабоко инволвирана во шумарството, а за шумите се грижат четири слаби и недоволно оспособени кадровски и технички опремени институции.
– Шумочуварската служба има 227 шумочувари, а 347 реони за чување, или околу еден милион хектари површина. Материјалните и техничките ресурси се недоволни за да се справат со сериозниот проблем кој ги демне шумите. Потребно е да се зајакнат капацитетите, но и соодветно да се санкционираат сторителите, да се отвори широка дискусија, да се вклучат повеќе релевантни институции – истакна Маре Басова, помошник-директор во ЈП Национални шуми.
Таа додава дека шумите и шумското земјиште од страна на општеството се сфатени како ресурс кој дава материјални добра, меѓутоа покрај економска функција, тие имаат милион други функции, како заштита на животната средина, земјиштето, населените места, влијае врз водата и плодноста на земјиштето, процесите за ерозија, туризмот, ловот итн.
Според Трајче Ангелов од Инспекторатот за шумарство и ловство, предизвиците при вршење на инспекторскиот надзор се големи, а Јавното претпријатие во своето работење се соочуваат со недостиг на кадри за работа, а големо подрачје кое тие треба да го покријат.
– Со 14 инспектори, не може да одговори на сите предизвици и проблеми кои се јавуваат на територијата на Македонија, но згора на тоа, тие досега не беа соодветно опремени за вршењето на работата. Немаме теренски возила, а понекогаш надзорот треба да се врши на 120 километри оддалеченост, со што се укажува на проблемот со кој инспекторските служби мораат да се справуваат во својата работа – вели Ангелов.
Ангелов смета дека е потребно обезбедување на ИТ-опрема и современи технологии, како и „свежа крв“.
– Просечната возраст на вработените е околу 54 години, факт е дека нѐ гази времето и потребно е пренесување на искуствата, но и внесување на нови гледишта од помлади кадри – истакнува Ангелов.
За тоа како може да се подобри работата на шумската полиција, говореше Горан Трајков, командир на шумската полиција од Штип.
– Шумската полиција се соочува со голем број проблеми уште од своето формирање во 1998 година, до ден денес. Ние уште од формирањето како да си играме шумска полиција. Проблемот е што четири слаби институции ги чуваат шумите. Тие се недоволно опремени поради што не се во можност да одговорат на своите овластувања. Ние немаме основни средства за работа, возела, униформи, ИТ-опрема, пристап до Интернет. Потребно е вработување на соодветни стручни кадри, опремување со современи и модерни средства за работа, како и обука за нивно користење – објаснува Трајков.
Командирот додаде дека со набавка на дронови ќе се олесни мониторингот на теренот, а со поставување на современи камери полесно ќе може да се фатат дивосечачите.
– Треба да сфатиме дека ние не ги поседуваме шумите, туку ги позајмуваме од идните генерации, а во каква состојба ќе ги вратиме зависи од нас. Според споделените коментари на Интернет, шумската фела е изложена на многубројни негативни коментари и критики, а всушност не е способна да ги врши своите надлежности – вели Трајков.
Според изјавите на панелистите, утврдено е дека надлежностите на шумската полиција и шумочуварите се преклопуваат, нема доволен број инспектори и кадар, што доведува до намалена ефективност во работата, а изречени инспекциски мерки во однос на извршените надзори укажува низок степен на казнивост, односно 13 отсто. Дури 71 отсто од населението директно или индиректно користи дрво како енергенс за греење. Затоа потребна е поголема соработка и координација меѓу надлежните органи за справување со пустошењето на шумите, кои неминовно бараат различен пристап за решавање на овој проблем.
Денешната панел-дискусија е дел од кампањата „Разбистри сѐ“ што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.