Глобален осврт: пожарите како повод
Исчезнувањето на шумите е одговорно за повеќе од 10 проценти емисии на јаглерод диоксид со секоја наредна година
За време на минатогодишната суша во Бразил, огновите со кои се расчистуваше обработливата површина избегаа од контрола, уништувајќи повеќе од 1,2 милион хектари дрвја.
Во Колумбија мировната спогодба со групата бунтовници им го отвори патот на рударите, дрвосечачите и фармерите, кои минатата година доведоа до исчезнување на шумите.
На Карибите ураганите Ирма и Марија срамнија со земја речиси третина од шумите во Доминиканската Република и огромен број дрвја во Порторико.
Сѐ на сѐ, лани светските тропски шуми останаа речиси без 16 милиони хектари дрвја, се наведува во студијата на „Глобал форест воч“, во која се користени новите сателитски податоци на Универзитетот во Мериленд. Тоа значи дека 2017-та е втората најлоша година за тропските шуми, веднаш по 2016-та.
Студијата беше објавена минатиот месец, во периодот кога министрите на „шумовитите држави“ се среќаваа во Осло, за да разгледаат како подобро да ги заштитат тропските шуми, во кои живеат половина од сите светски видови и играат клучна улога во процесот на регулирање на климата.
– Овие нови податоци покажуваат дека ситуацијата за светските дождовни шуми е веќе алармантна Едноставно, нема да ги постигнеме климатските цели околу кои се договоривме во Париз доколку драстично не го намалиме исчезнувањето на тропските шуми и не ги обновиме шумите во светот – изјави Андреас Дал-Јоргенсен, заменик-директор во норвешката Меѓународна климатска и шумска иницијатива.
Дрвјата го преработуваат јаглеродниот диоксид од воздухот и го заробуваат во себеси и почвата. Кога се уништуваат дрвјата, тој се враќа во атмосферата и на тој начин ја загрева планетата. Според некои процени, исчезнувањето на шумите е одговорно за повеќе од 10 проценти емисии на јаглерод диоксид во секоја наредна година.
Сателитските снимки покажаа дека Колумбија изгуби 400.000 хектари шума во 2017-та, а тоа е пораст од 46 проценти во однос на претходната година. Најголемиот исчезнат дел е од колумбискиот предел на Амазон, областа што некогаш ја контролираа револуционерните вооружени сили на Колумбија ФАРК.
– Со демобилизацијата на ФАРК, големите области повторно се отвораат и гледате толпи луѓе, кои од различни причини заграбуваат земја, од садење кокос до одгледување стока – рече Микаела Вајсе, аналитичар во Глобал Форест Воч.
Анализите на оваа организација покажаа дека Бразил изгубил рекорден број дрвја во 2017 и 2018 година, делумно и заради пожари. Сателитите покажаа и дека во некои недоволно обезбедени предели се врши искоренување на шумските дрвја.
– Многу е загрижувачки што почнуваме да гледаме нова слика, во која пожарите, отшумувањето, сушата и климатските промени се меѓусебно поврзани и го прават Амазон лесно запалив – изјави Вајсе.
Во текот на минатата година, Демократска Република Конго забележи најголемо губење шуми по Бразил – околу 1,4 милион хектари, 6 проценти повеќе од претходната година – а шумската сеча, производството на јаглен и земјоделството одиграа важна улога во овој процес.
Индонезија е една од ретките светли точки, каде што забраната за шумска сеча доведе до резултат: губењето на шумите во заштитените области опадна за 88 отсто во 2017 година.
Сепак, ваквите позитивни приказни се реткост, а експертите велат дека треба да се направи многу повеќе за да се забави процесот на отшумување. Само 2 проценти од меѓународните финансии, наменети за борба против климатските промени, се користат за спас на шумите. Го гасиме пожарот со лажичка за шеќер – вели Френсис Сејмур, соработничка во Институтот за светски ресурси.