Какви бранувања ќе донесе балканската пролет, која изминатиов период како термин сѐ почесто се споменува во јавноста и медиумите и дали случувањата во регионот поврзани со протестите на опозициите низ улиците во повеќе држави можат да се идентификуваат со оние од земјите од Блискиот Исток, каде што Арапската пролет имаше негативни турбуленции за државите, проследени со насилни промени на режими, мигрантска криза, протести и граѓански војни.
Балканскиот сервис на Би-би-си анализирајќи ги заедничките точки на оваа тема од протестите во Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, запрашува дали со нив се навестува почеток на балканска пролет.
Во својот осврт на настаните медиумот пишува дека овој тип случувања до почетокот на арапската пролет во светот имале позитивен предзнак, а сега, на десетина дена пред официјалниот почеток на пролетта, во овој регион од Европа се најавува нова т.н. балканска пролет.
Слично констатира и грчкиот весник „Катимерини“, кој информира дека преку социјалните мрежи, a особено Твитер, се спроведува т.н. пролет на Балканот, а антивладините демонстрации во последниве денови во Белград, Тирана и Подгорица имаат карактеристика на балканска пролет.
Во меѓувреме, коментирајќи ги овие најави, портпаролката на ЕУ, Маја Коцијанчич, тврди дека не треба да се споредуваат протестите што се случуваат истовремено во трите земји во регионот. Таа ја отфрли констатацијата на албанските медиуми дека е во тек балканска пролет, што според нив „може да предизвика сериозна криза за ЕУ“.
– Протестите во секоја земја имаат свои карактеристики и не би ги споредувала тие ситуации – вели Коцијанчич.
Таа ја прифаќа оцената на новинарите дека постојат „некои заеднички елементи“ во барањата на граѓаните што протестираат, но истакнува дека не се за споредба.
– Европската комисија преку своите извештаи ги следи ситуациите во земјите од регионот и ги фали и критикува секогаш кога е потребно. Извештаите се јасни и јас не би ги споредувала тие ситуации – тврди Коцијанчич.
Според Александар Попов, директорот на центарот за регионализам од Нови Сад, балканското население протестира против заеднички именител, а тоа се авторитарните режими во балканските земји.
Тој вели дека во секоја држава од регионот се гледа истиот негативен однос на властодршците врз граѓаните.
Правејќи паралела меѓу арапската и балканската пролет, Попов вели дека регионот не треба да го следи примерот од Блискиот Исток туку треба да се движи во свој пат.
Според него, арапската пролет асоцира на самрак и балканските демонстрации на граѓаните во никој случај не треба да се идентификуваат со овој термин.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, коментирајќи ги случувањата од македонска перспектива, оценува дека нашата држава не треба да се плаши од оваа пролет, бидејќи нашите турбуленции завршија со завршетокот на долгата политичка криза во земјата и со спроведувањето на спогодбата од Преспа. Тој верува дека во Македонија политичките елити, и во опозицијата и на власта, сега се многу помудри од претходно и со сигурност тие нема да дозволат уште една нова епизода од протестите на граѓаните, кои ќе личат на оние на „Шарената револуција“ или на „За заедничка Македонија“.