Шаховскиот клуб (ШК) Алкалоид, повторно ќе се бори за европски медал. Алкалоид како европски клупски шампион во шах за 2016 година и вицешампион за 2017 година и годинава амбициозно се подготвува за најсилното клупско шаховско натпреварување. Европскиот клупски куп ќе се одржи во октомври во Порто Карас, Грција.
Минатата година успехот беше дополнет со пет медали за индивидуални резултати по табли, четири златни и еден сребрен. По двата последователни историски резултати, новиот предизвик за екипата е освојување на уште еден медал и со тоа да се запише во листата на осум најуспешни екипи во современата историја на европските клупски шаховски натпреварувања.
Екипата на Алкалоид, ќе учествува и на екипниот шампионат на Македонија, од 11 до 17 август во Струга. Шампионскиот состав е непроменет и ќе се бори за седмата последователна титула или ја брка вкупно 21-та шампионска титула во 27-от настап од 1992 година.
Покрај најдобрите македонски шахисти, стандардни членови на клубот, велемајсторите (ВМ), Трајко Недев, Звонко Станојоски, Драгољуб Јаќимовиќ и Влатко Богдановски, како и интернационалните мајстори (ИМ), Филип Панчевски и Дејан Стојановски, дел од екипата се и четворицата велемајстори од светскиот врв. Странските играчи во изминатите години повеќепати биле дел од составот на ШК Алкалоид и на овој начин продолжува да се негува тимскиот дух на екипата, кој се покажува како исклучително значаен фактор во успешните настапи претходните години.
Дмитриј Јаковенко – член на Руската шаховска репрезентација, европски шампион за 2012 година, светски јуниорски првак до 18 години во 2001 година, првак на Европскиот екипен шампионат за 2007 година и носител на сребрен олимписки медал за 2012 година, двапати златен медал за индивидуален резултат на Олимпијада (2008 и 2012).
Јуриј Криворучко – стандарден член на Украинската шаховска репрезентација, која освои сребрен медал на Олимпијадата 2016 година, шампион на Украина за 2013 година и континуирано член на ШК Алкалоид во последниве 7 години.
Дмитриј Андрејкин – светски јуниорски првак за 2010 година и шампион на Русија за 2012 година, трипати член на шампионска екипа на Европскиот клупски куп (2009, 2010, 2016), трипати златен медал за индивидуален резултат на Европскиот клупски куп (2008, 2012, 2015).
Павел Елјанов – стандарден член на Украинската шаховска репрезентација со која има освоено две олимписки злата и сребро во 2016, во 2015 година на Светскиот куп низ систем на меѓусебни елиминации од 128 учесници на стартот стигна до полуфинале, во кое беше поразен од победникот на турнирот.
Како најсилен шаховски клуб во Македонија, ШК Алкалоид останува главен столб на македонските репрезентации, а очигледно и странските играчи на ист начин се дел и на своите државни репрезентации. Функционирајќи веќе 42 години под континуирано спонзорство на компанијата „Алкалоид АД“ Скопје, клубот важи за еден од најуспешните во Европа.