Шекеринска нагласи дека Западен Балкан е клуч за безбедноста и за успехот на Европската Унија, но и дека безбедноста, стабилноста и просперитетот на Западен Балкан зависат од неговите евроинтеграциски перспективи
Државата во изминатите четири години беше целосно и искрено посветена на евроатлантските интеграции, што уште повеќе ја зголемува разочараноста од одлагањето на почетокот на преговорите за членство во ЕУ.
Ова го посочи министерката за одбрана Радмила Шекеринска говорејќи на сесијата посветена на зацврстувањето на партнерството и соработката на патот кон евроинтеграција на Западен Балкан на состанокот на министрите за одбрана на Централноевропската одбранбена соработка која денеска се одвива под претседателство на Хрватска.
– Северна Македонија не седеше и не чекаше да добие подарок, туку во последните неколку години работевме на суштински, болни и тешки реформи, не само за решавање на билатералните прашања со Грција и Бугарија туку и на прашања кои се важни за европската агенда, како што се човековите права, владеење на правото, транспарентноста, борба против корупцијата, правата на малцинствата. Во сите овие прашања Северна Македонија има видливи резултати-рече министерката.
Шекеринска нагласи дека Западен Балкан е клуч за безбедноста и за успехот на Европската Унија, но и дека безбедноста, стабилноста и просперитетот на Западен Балкан зависат од неговите евроинтеграциски перспективи.
– Овој неуспех да се испорача тоа што Северна Македонија го заслужува, ја загрозува ЕУ во еден важен регион кој е опкружен со членки на Унијата. И затоа изгледа дека бугарското вето „успеа“ таму каде што не успеаја други надворешни влијанија – да ја намали моќта и влијанието на ЕУ во целиот регион на Западен Балкан-рече Шекеринска.
На состанокот кој се одржа преку видеоконференциска врска, претседаван од домаќинот, хрватскиот министер за одбрана Марио Баножиќ, учествуваа и министрите за одбрана на Австрија, Унгарија, Словачка, Словенија, Албанија, Црна Гора, Косово и Србија, и замениците министри од Чешката Република и од Босна и Херцеговина.