Шест нови случаи со мали сипаници се регистрирани во Скопје и околината, информираат од Министерството за здравство. Меѓу заболените е и бебе на возраст од една и пол година од Чаир, кое е на домашно лекување.
Од шестмината заболени, три деца се на болничко лекување, од кои едното е двегодишно дете од село Моране, другото е двегодишно од Ѓорче Петров, кое не посетува детска градинка, а третото е дете на возраст од 3,5 години, кое исто така не посетувало градинка.
Oд почетокот на епидемијата, досега, се регистрирани 117 случаи со морбили.
Во моментов, на Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 27 лица со ова заболување. Од почетокот на епидемијата, до денес, се вакцинирани 4.815 лица. Во стабилна здравствена состојба се 35-годишната пациентка и бебето, кои вчера беа хоспитализирани. Во овој момент се уште нема услови за прогласување епидемија во други градови, посочуваат од Министерството.