Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на денешната централна свеченост во Охрид по повод 18 Август – Денот на Армијата, во своето обраќање упати пораки до Армијата, за сето она што беше направено изминатиот период, но и за сето она што следи во блиска иднина.
Министерката им се заблагодари на припадниците на Армијата, на војниците, подофицерите и офицерите за нивниот придонес кон безбедноста и суверенитетот на нашата држава, за нивниот придонес во процесот за приклучување кон Алијансата, за нивното учество во мировните мисии, помошта на граѓаните при елементарни непогоди.
-Наша задача е да ви обезбедиме најдобар тренинг, најдобра опрема и постојано внимание, да продолжиме да инвестираме во вас, во нашите луѓе и за нашите луѓе – рече министерката Шекеринска.
Во однос на идните чекори, министерката истакна дека државата и Армијата одбројуваат до полноправното членство во Алијансата, за што се прават и последните подготовки.
Споменувајќи ја неодмана завршената, кај нас најголема воена вежба, „Одлучен удар“, министерката Шекеринска рече дека Армијата покажа дека е кредибилен, организиран и посветен партнер, дека е НАТО.
Шекеринска овој голем ден за Армијата го посвети на нашите припадници кои во моментов се илјадници киломтри од дома, во мировните мисии, особено во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан.
-Во Кабул е речиси еден часот попладне. Ова за нашите војници и офицери е работен ден, со работни задачи и многу ризици, очекувани и неочекувани, опасни и уште поопасни. Оваа прослава е наша прослава, но за мене, пред сѐ, ова е нивен ден – рече министерката.
Министерката ѝ честиташе на новопоставениот аѓутант на Претседателот, потполковник Блажевска, прва – жена аѓутант на врховниот командант и порача дека армиската професија е професија и за жените кои секојдневно докажуваат дека можат да се справат со сите задачи и одговорности.
Таа порача дека ова е година на успех, но очекува идната да е уште подобра и уште поуспешна.