Вчера за првпат имав прилика да ја претставувам нашата држава во својство на полноправна членка. Триесет министри за одбрана заедно со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и претставници на Воениот комитет на НАТО, разговаравме за тоа како земјите членки на НАТО се справуваат со пандемијата, но и на кој начин НАТО помага во таа операција и на кој начин може повеќе да се мобилизира на истата тема, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната прес-конференција по повод вчерашниот состанок на министрите за одбрана на НАТО одржан преку
телеконференциска врска.
Шекеринска рече дека добила честитки од министрите за членството во Алијансата и дека се заблагодарила на поддршката и на помошта што нашата земја ја добива во кризата со коронавирусот од САД, Турција, Норвешка, Холандија, Словенија, Унгарија, Велика Британија, Чешката Република и Бугарија.
– Во исто време ова беше шанса да ја испратиме пораката дека не сме држава која само чека помош туку сме и држава која што има капацитет и да понуди помош и ги понудивме нашите медицински капацитети за соработка со КФОР кој што практично добива целосна логистичка поддршка и досега од нашата држава – истакна Шекеринска.
На состанокот министерката размени искуства со останатите земји во борбата со коронавирусот.
– Ме радува фактот што видов дека одговорот на сојузничките армии за справување со пандемијата со широк спектар на активности е речиси идентичен на начиниот на кој ја ангажиравме нашата Армија за поддршка на цивилните власти – рече Шекеринска.
„Прво, помош во контрола на границите, поставување и чување на контролни точки на влез и излез во одредени градови или општини, и обезбедување на критичната инфраструктура и виталните објекти, поставување на полски болници како нашата што ја поставивме до Инфективната клиника и користење на воените медицински капацитети во поддршка на цивилните здравствени капацитети. Обезбедување на специјализирани тимови за билошка и хемиска одбрана за вршење на дезинфекција, обезбедување на инженериски градежни услуги како што нашите инженериски екипи го правеа во Универзитетската клиника и Инфективната клиника“ посочи министерката.
Шекеринска најави дека од денеска припадниците на Армијата ќе бидат во зголемен обем и во единиците на локална самоуправа во сите општини каде што таа помош беше побарана.
– Можам да најавам дека припаднците на армијата ќе бидат дополнително ангажирани во Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга, Охрид, Струмица, Куманово, Битола, Прилеп, а во текот на денешниот ден разговараме и со општина Центар, Велес, Кавадарци и Росоман. Очекуваме ваквото поголемо присуство и учество да им помогне и на општините, но и на МВР да се справат со спроведување на сите мерки за
заштита. Имаме тешка задача да останеме дома во овие тешки и празнични
моменти, но овие три дена седење дома ќе значат спасување на десетици и
стотици животи и ќе ни помогнат час поскоро да се вратиме во нормала во
следниот период – рече Шекеринска.