На тема „Последиците од кризите никогаш не се родово неутрални – како женското лидерство влијае за остварување родова еднаквост за време на ковид-19?“, денеска зборуваше министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска како дел од учесниците на 12 издание на Вечери на женски права во организација на Институт за човекови права.
– Кругот на жени се проширува, бројот на жени кои што се подготвени да го кренат својот глас и да испорачаат правда во општеството и во родовата еднаквост секој ден станува се поголем и поголем – истакна министерката Шахпаска. Притоа се осврна на веќе донесените закони како Законот за прекин на бременоста, Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, последните донесени со силна поддршка и од опозицијата и власта.
Министерката Шахпаска информираше дека Министерството за труд и социјална политика има подготвено драфт верзија на Закон за родова еднаквост која ќе биде испратена до Советот на Европа, Венецијанската комисија,ОБСЕ и делегацијата на Европската Комисија во нашата земја за првични коментари, а конечната верзија ќе биде испратена до јавноста за широка дебата.
– Родовата еднаквост претставува еднаква видливост,еднакво вреднување за вложениот труд на жените кога имаат исти професионални квалификации и капацитет со мажите за истите работни места. Законот за родова еднаквост треба да испорача еднакво учество на жените во сите сфери на општествениот живот и рамноправно учество во семејството, креираањето на политикии особено родово одговорно буџетирање – потенцираше Шахпаска.
Таа додаде дека останува и Законот за мобинг, на кој работната група работи. Со тоа, додаде таа, се заокружува законската регулатива на прашањата кои се однесуваат пред се на жените.
Шахпаска ја посочи храброста и свесноста на жените и нивната подготвеност да одговорат на предизвиците кои ги донесе пандемијата.
– Седумдесет и четири отсто здравствени работници, жени беа на фронтот со ковид-19, но и исто така и текстилните работнички и жените кои работат во трговијата. Сите тие свесни и одговорни за ризикот од пандемијата на кој се изложуваат, но храбри да се соочат и да се носат со неа – истакна Шахпаска.
Таа порача дека борбата за родова еднаквост, за еднаква плата за еднакво вложен труд, за рамноправно учество на жените во општеството е високо на агендата на Министерството за труд и социјална политика и е нешто на кое интезивно ќе се работи периодот што доаѓа.