Mинистерката за труд и социјална политика денес одржа состанок со Националното координативно тело за заштита на деца од злоупотреба и занемарување кое е составено од претставници на релевантни институции, граѓански и меѓународни организации.
– Заштита на децата од насилство е приоритет и значајна заложба на нашето општество бидејќи сите форми на насилство, злоупотреба и занемарување на децата, кои потенцијално го загрозуваат или го нарушуваат физичкиот, психичкиот и моралниот интегритет на личноста на детето, претставуваат повреда на основните права на детето содржани во Конвенцијата за правата на детето – рече министерката.
Националното координативно тело со поддршка на УНИЦЕФ спроведе процес за идентификување и собирање податоци за деца жртви на насилство, злоупотреба и занемарување. За таа цел креирани се посебни индикатори за прибирање на податоците за пријавени деца жртви на насилство во сите сектори: образование, здравство, социјала и полиција. Со помош на тие индикатори се изготви и Стратегија за работа по која ќе се планираат и следните чекори.
На состанокот беше усвоен протоколот за постапување на мултисекторските тимови за заштита на деца жртви на насилство и се разговараше за следните активности, односно ревизија на Акцискиот план и дигитализирање на внесот на податоци за децата жртви на насилство.