Членовите на Советот за граѓански надзор изразија загриженост поради нефункционалноста на ова тело, за време на средбата со претседателот Стево Пендаровски, кој денеска ги прими на состанок.
Како што информираат од Кабинетот на Пендаровски, на средбата, тие го информирале претседателот за моменталната состојба, предизвиците и проблемите во работењето на Советот, чиешто функционирање е особено значајно во предизборниот период, како единствен орган кој може да врши контрола на законитоста на спроведување над мерките за следење на комуникациите.
Од Советот велат дека нефунционалноста на телото произлегува од несоодветното спроведување на Законот за следење на комуникациите, којшто беше донесен со консензус меѓу политичките партии. Соговорниците потенцираа дека пратениците во Собранието треба да овозможат непречено практично, а не само декларативно функционирање на Советот за граѓански надзор во безбедносниот сектор. Тие нагласија дека нивната задача е да ги проверуваат сомнежите на граѓаните, да советуваат и алармираат, а токму реформите во овој сектор се еден од условите за нашите евроатлантски интеграции.
Пендаровски посочи дека безбедносниот сектор е еден од основните предуслови за политичка и економска стабилност на секоја правна држава. Оттаму, рече тој, сите надлежни институции треба да бидат максимално посветени во реформските процеси, вклучувајќи го и овозможувањето на целосна функционалност на Советот за граѓански надзор, како еден од механизмите во обезбедувањето на општите но и индивидуалните сигурност, приватност, права и слободи на секој граѓанин.
На средбата присуствуваа претседателката на Советот, Маргарита Цаца Николовска и членовите Ице Илијевски, Гордан Калајџиев, Дијана Тоска, Арјета Цека Жаку и Марија Златанова-Коцева.