Димитар Апасиев
1.
Првиот спорен момент на веќе потпишаниот преспански договор меѓу Македонија и Грција е што македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, според член 119 од Уставот на Република Македонија, воопшто нема мандат да биде потписник, бидејќи овој договор не е технички, туку суштински, идентитетски. Преспанскиот договор навлегува во внатрешни прашања во рамките на уставното право, според кои единствен што има мандат да потпишува такви договори е претседателот на Република Македонија.
Заговорниците на планот да биде заобиколен претседателот на државата во спроведувањето на преспанскиот договор, го вадат аргументот дека ниту претседателот Киро Глигоров ја нема потпишано Привремената спогодба со Грција од 1995 година. Но мора да нагласам дека Законот за склучување и ратификација на меѓународни договори е донесен дури во 1998 година (три години по Привремената спогодба) и оттогаш претседателот на државата мора да го потпише Законот за ратификација. Тоа значи дека со непотпишување на Законот за ратификација на договорот, од страна на претседателот Иванов, (како што и самиот јавно се изјасни), односно по суспензивното (по првото собраниско гласање) и по џебното вето (по повторното гласање во парламентот), настапува состојба како и со Законот за употреба на јазиците: нема потпис – нема закон.
Дури и насилно, без потпис од страна на претседателот на државата Законот за ратификација на преспанскиот договор да биде објавен во „Службен весник“, тој ќе биде поништен од Уставниот суд. Првата основа по која ќе биде поништен би била техничка, токму поради немањето потпис од страна на претседателот на државата. А втората основа би била и материјалноправна, поради тоа што на првите осум члена во преспанскиот договор не им е местото во него, односно го прекршуваат Уставот на Република Македонија.
2.
Навистина, Уставниот суд нема надлежност за оцена на меѓународни договори, но има надлежност за оцена на законитоста на Законот за ратификација. Во таа насока, треба да се знае дека Уставниот суд веќе има направено преседан со укинување меѓународен билатерален договор. Тоа го има сторено во 2002 година, кога го укина билатералниот договор за нафтоводот на ОКТА, потпишан во 1999 година од владата на ВМРО-ДПМНЕ, кога беше премиер Љупчо Георгиевски. Тој преседан е основа за постапување на Уставниот суд во врска со законитоста на меѓународните договори, токму преку преоцена на законите за нивна ратификација.
3.
Во правото, за да се смени некоја одлука, мора да се спроведе истата постапка како што била донесена. Така, закон се менува со закон, референдумска одлука со референдум. Значи, референдумот мора да биде обврзувачки, а тука веќе се јавуваат проблемите со освојување цензус… Потоа, иако грчката страна, според преспанскиот договор, се обврзува да не спроведе референдум, опозицијата сепак може да иницира и референдум за договорот и во Грција. И врз основа на резултатите од тој референдум, грчкиот Уставен суд, да го отфрли договорот.
4.
Како финална пречка, може да се наведе и фактот дека мандатот на претседателот на Р. Македонија, Ѓорге Иванов трае до мај 2019 година (што значи дотогаш нема да биде потпишан Законот за ратификација на преспанскиот договор), а мандатот на грчкиот премиер Ципрас, до септември 2019 година. Сѐ наведува дека преспанскиот договор е пред невозможна мисија за негово ефектуирање до крајот на годинава.
Авторот е универзитетски професор