ЕУ од следната година воведува авионска технологија во патниот сообраќај
Очекувањата се дека со употребата на таканаречените црни кутии во автомобилите ќе се овозможи многу поедноставна реконструкција на сообраќајните несреќи, ќе се утврдат точните причини и виновниците, подобро ќе се разбираат повредите, а многу веројатно податоците од црните кутии ќе им бидат интересни и на осигурителните компании, кои се жалат дека често намерно се менаџираат сообраќајки за да се извлечат пари од нив
Двете жртви во последната сообраќајка што се случи неодамна на булеварот Борис Трајковски во Скопје покажаа дека човечкиот фактор и натаму е клучен при несреќите со трагични последици, а вклучувањето на технологијата во автомобилите е таа што во иднина треба да влијае врз свеста на возачите за поодговорно однесување во сообраќајот.
Во таа насока е и уредбата што Европската Унија ја донесе во 2019 година, а со која се предвидува сите новопроизведени возила за европскиот пазар од мај следната година да не можат да бидат регистрирани или врз нив да се направи хомологизација ако во себе немаат уред за снимање податоци во случај на незгода, таканаречен „ивент дата рекордер“, или црна кутија, нешто што одамна се користи во воздушниот сообраќај.
Од 2024 година идентичен уред ќе треба да имаат сите возила што првпат се регистрираат.
Со оглед на фактот дека македонските граѓани во најголем дел се приврзаници на европските производители на возила, несомнено и новите автомобили што ќе доаѓаат во земјава ќе бидат опремени со новата опрема, што подразбира дека и државата како земја-кандидат за членство во ЕУ ќе треба да ја приспособи својата легислатива во согласност со европската и да подготви соодветна законска рамка, со која ќе ја регулира употребата на новата технологија во автомобилите и на македонските патишта.
Очекувањата се дека со употребата на таканаречените црни кутии во автомобилите ќе се овозможи многу поедноставна реконструкција на сообраќајните несреќи, ќе се утврдат точните причини и виновниците, подобро ќе се разбираат повредите, а многу веројатно податоците од црните кутии ќе им бидат интересни и на осигурителните компании, кои се жалат дека често намерно се менаџираат сообраќајки за да се извлечат пари од нив.
Познавачите на состојбите сметаат дека воведувањето на новата технологија ќе им ја олесни работата на вештаците при сообраќајките, ќе влијае врз свеста на самите возачи, истовремено ќе им помогне и на инженерите да креираат побезбедни возила.
– Сигурно е дека тој технички-технолошки напредок, кој овозможува сега овие напредни уреди заради намалувањето на нивната цена да се вградуваат во возилата, ќе влијае на неколку начини. Прво, тука е собирање податоци со што ќе се овозможи подобрување на безбедноста на самото возило, како и безбедноста во сообраќајот во целина – вели професорот Милан Ќосевски од Машинскиот факултет.
Според него, тешко е да се предвиди со колкава брзина ќе се имплементира тоа кај нас во Македонија, но дека генерално потегот е за поздравување.
– Овој процес што го најавува ЕУ е апсолутно за поздравување бидејќи многу ќе олесни во вештачењата при сообраќајните незгоди, претпоставувам дека и возачите ќе станат свесни дека тоа што го прават ќе биде снимено, па ќе го приспособат своето однесување. Јас лично многу верувам во техниката во таа смисла – категоричен е Ќосевски.
Тој додава дека употребата на податоците од таканаречените црни кутии во автомобилите може да донесе многу бенефиции.
– Црната кутија ќе снима параметри што подоцна ќе можат да се користат и во доказна постапка, а на инженерите ќе им овозможат да прават не само визуелни туку и квантифицирани пресметки за да утврдат како точно стојат фактите – нагласува Ќосевски.
И професорот на Факултетот за безбедност, Борис Мургоски, гледа предност во воведувањето на новата технологија во автомобилите, пред сè во делот на однесувањето на возачите.
– Тие црни кутии ги отсликуваат по правило реакциите на перцептивната, визуелната можност на возачот. Се утврдува дали нивните реакции се навремени и адекватни на околностите. Според моето мислење, вклучувањето црни кутии во автомобилите би придонело многу за егзактно спознавање на реакциите на учесникот што управува со автомобилот и би можело да помогне во она што се нарекува спознавање на субјективните реакции на објективните околности во сообраќајната ситуација – вели Мургоски.
Тој смета дека постоењето технологија што го снима однесувањето на возачот ќе влијае и врз неговата свест.
– Ефектите од поставувањето црни кутии во автомобилите се и во тоа што и кај возачот би се издигнале свеста и одговорноста во она што се вика дисциплинирано, соодветно, правилно учество во сообраќајот. Во оваа смисла ќе се постигнат таканаречените ефекти што се кај сите нас присутни како возачи, како учесници во сообраќајот, но со самиот факт дека неговото возење би било технички следено и во случај на потреба таа црна кутија би се вештачела, тогаш ќе се забележат сите реакции, технички способности, алкохол, замор итн. Технологијата сето тоа го овозможува како објективни и непристрасни факти бидејќи сите возачи се субјективни. Ова егзактно ќе покаже што правел субјектот, а можеби и не правел во одредена ситуација – заклучува професорот Мургоски.