Некои истражувачи сѐ уште го бараат коренот на таканаречениот црн петок и велат дека има повеќе верувања за потеклото на суеверието за петок 13, а најмногу од нив ги поврзуваат со религијата, но црквата категорично ја отфрла можноста за таквата поврзаност
Постои ли поврзаност меѓу религијата и денот што меѓу луѓето е познат како црн петок или петок 13? Дали имаат некаква врска суеверијата и овој ден или, пак, станува збор за општ светски мит заснован на стравот кај луѓето? Честопати кога датумот 13-ти ќе се совпадне со петок, јавноста е преокупирана со предупредувања за некакви несреќи, кои би можеле да се случат токму на овој ден. Многупати оние што сакаат да веруваат во вакви сценарија бараат поврзаност на овој ден со некакви библиски или религиски настани.
Токму затоа, кога ќе се обидете да побарате зошто всушност постои страв од петок 13, ќе наидете на различни толкувања што се поврзуваат со религијата.
Некои истражувачи сѐ уште го бараат коренот на таканаречениот црн петок и велат дека има повеќе верувања за потеклото на суеверието за петок 13, а најмногу од нив ги поврзуваат со религијата.
– Така се смета дека Ева во рајот го измамила Адам со јаболкото токму во петок. Потоа се посочува и дека на тајната вечера присуствувале 13 луѓе, како Исус и 12-те апостоли. И до ден-денес кај многу народи сè уште постои суеверието дека 13 лица не треба да седат на едно исто место, односно на иста маса. Се посочува и дека на овој ден предавникот Јуда дошол последен на тајната вечера и прв си отишол. Други сметаат дека Исус Христос е распнат токму на денот петок – посочуваат истражувачите.
Но теолозите комплетно ги отфрлаат сите суеверија за овој ден и велат дека, според црковниот календар, тоа е обичен ден на кој се празнуваат православни светители. Велат дека во секој петок православните верници постат поради тоа што Јуда го предал Исус во петок, но и затоа што се верува дека Христос во петок бил распнат, но дека верските учења немаат никаква поврзаност со петок 13. Отец Горан Стојчевски, свештеник во Македонската православна црква-Охридска архиепископија вели дека во православието не постои петок 13, ниту какво било верување за црн петок.
– Целата приказна околу овој ден е донесена од западните земји во 70-тите и 80-тите години од минатиот век, преку хорор-филмовите. Така и се пренесува од генерација на генерација. Ниту во народната традиција немаме верување поврзано со овој ден, а поврзаност нема ниту од верски аспект – објаснува отец Стојчевски.
Другите суеверија одат во насока и дека петок 13 има врска со календарот и дека е потребно да постојат 13 месеци во некои години, додека грегоријанскиот и исламскиот календар секогаш имаат по 12 месеци во годината.
Според нумеролозите, бројката 13 страда поради нејзината позиција по бројот 12. Така на пример, според нив, постојат 12 месеци во годината, 12 хороскопски знаци, 12 бога на Олимп, 12 племиња на Израел, 12 апостоли на Исус, а во тарот-картите, бројот 13 е карта на смртта.
Во поново време многу повеќе му се придава важност на датумот 13 октомври 1307 година, кога по наредба на францускиот крал Филип Четврти и папата Климент Петти биле затворени Жак де Молеј, големиот мајстор на орденот на темпларите и илјадници рицари од орденот. Овие затвореници биле подложени на големи мачења, биле прогласени за еретици и обвинети за секакви други прекршоци, кои биле во спротивност со црквата во Рим. Така, многу од тие рицари биле изгорени на клада или егзекутирани. Од тој ден па натаму, петок 13 бил сметан за лош и несреќен ден.
Во древен Рим магионичарите се собирале во групи од по 12 луѓе. Се верувало дека тринаесеттиот во групата бил самиот ѓавол.
Психолозите, пак, објаснуваат дека потребата на човекот да има верба во нешто го доведува и до разни суеверија. Според нив, луѓето кога не се чувствуваат пријатно бараат начин да се релаксираат или да се ослободат од стресот со фрази што ги употребуваат, на пример, „чукни во дрво“ или „помести се од место“. Велат дека на овој начин стресот се намалува, но дека не треба суеверијата да се практикуваат како начин на живот.