Искршени прозорци и врати, излупени столбови и фасада, ишарани ѕидови со разни графити, уништени скали, искорната ограда… Така изгледа денес некогашната „бела куќа“ на Битола. Во слична, дури и полоша, ситуација се уште две други згради со ист изглед и слична препознатлива стара битолска архитектура
Со својата стара и раскошна архитектура, изглед и со местоположба во срцето на Битола, до пред извесно време, тие беа симбол на градот. Трите некогаш раскошни објекти, од кои во едниот беше сместена локалната самоуправа, во вториот подрачните единици на министерствата, а во третиот партиските седишта, денес, едноставно не можат да се препознаат. Тие буквално се распаѓаат.
Искршени прозорци и врати, излупени столбови и фасада, ишарани ѕидови со разни графити, уништени скали, искорната ограда… Така изгледа денес некогашната „бела куќа“ на Битола. Во слична, дури и полоша ситуација, се уште две други згради со ист изглед и слична препознатлива стара битолска архитектура.
Во старата општинска зграда, во изминатиот период се снимени голем број играни и документарни филмови и турски серии. Сите режисери што доаѓале во Битола и кои сакале да снимат сцени од отоманскиот период, без да размислуваат камерите по правило ги поставуваа во оваа зграда. Но сега, наместо филмските сниматели, зградата ја снимаат само тие што сакаат да го документираат нејзиното пропаѓање.
Сите три општински згради со Законот за денационализација ѝ се вратени на црквата и веќе подолго од една деценија со нив стопанисува Пелагониската епархија. И оттогаш почна нивното пропаѓање.
– Ова навистина е невидено. Иако се обидувам, сепак никако не можам да си објаснам како може оваа зграда, во која беше сместена општинската администрација и тука беше кабинетот на поранешниот градоначалник Силјан Мицевски, сега буквално да се најде на ова дереџе. За ова некој треба да сноси одговорност – ни вели еден стар битолчанец, кој со децении живее во Белград, а деновиве како и секоја втора година е дојден да го посети својот роден град.
Откако поранешната општинска зграда ѝ беше вратена на епархијата, општинската администрација и тогашниот градоначалник Мицевски мораа да се иселат од објектот. Потоа во објектот за кратко време се всели администрацијата на Славјанскиот универзитет, но подоцна и тој се исели поради високите кирии. Оттогаш старата општинска зграда е напуштена и оставена сама на себе.
Иако објектот е од историско значење и е заштитен со закон, сепак тоа ништо не им значи на бездомниците, кои секоја вечер се „вселуваат“ во зградата, која сега е полна со отпад, пред сѐ со празни шишиња од алкохолни пијалаци.
Веднаш да старата општинска зграда стои уште една иста зграда сопственост на епархијата, која исто така е оставена да пропаѓа. Откако и оваа зграда ѝ беше вратена на Пелагониската епархија, со години таа му беше издавана под кирија на ВМРО-ДПМНЕ, и во неа се наоѓаше седиштето на општинскиот комитет на оваа партија. Но откако ВМРО-ДПМНЕ ја изгуби власта, епархијата ѝ наложи на партијата да се исели од зградата и оттогаш таа е празна. А како што е вообичаено, кога во зградата нема луѓе, таа почнува да пропаѓа.
Третиот објект, исто така во сопственост на епархијата, е кај старата болница. Откога беше денационализирана, ѝ беше издадена под кирија на ВМРО- народна партија. Во тој период, зградата беше комплетно реновирана и обновена. Но по извесно време, црквата ѝ наложи на ВМРО-НП да се исели од зградата и да ја заклучи.
И оваа зграда ја „отклучија“ битолските бездомници, кои сега се чести „потстанари“ во неа. И покрај сите настојувања да добиеме одговор од Пелагониската епархија што се случува со овие објекти и кои се нивните планови тие да се заштитат од натамошно пропаѓање, одговор не добивме.
– Единствено што можеме да ви одговориме е дека трите објекти се наша сопственост и за сите имаме имотни листови. Ние нив ги издаваме, но барем засега никој не пројавил интерес да ги земе под кирија – ни одговорија од епархијата.
Во Битола, која се гордее со својата стара архитектура, вакви или слични судбини имаат уште многу објекти. По донесувањето на Законот за денационализација, откако дотогаш државните објекти им се вратија на наследниците или сопствениците, поради нерешени семејни прашања и неможноста наследниците да се договорат што ќе прават со нив, тие едноставно се оставени да пропаѓаат. Некои од тие објекти дури претставуваат сериозна опасност за пешаците во Битола, бидејќи во секој момент можат да се срушат.
Тоа што особено загрижува е што во Битола во овој момент има многу такви објекти со раскошна стара архитектура. Токму поради таквата негрижа на поранешниот градоначалник Владимир Талески за Офицерскиот дом, против него сега се води судска постапка.