Македонскиот сликар и хуманист Живко Поповски-Цветин, утре во 10 часот во дворот на редакцијата на „Нова Македонија“ ќе ја врачи „Цветиновата награда за мир“, за 77-от роденден на првиот македонски дневен весник, кој над 35 години ја промовира и поддржува неговата мироносна мисија со „Цвеќето на мирот“.
Во текот на настанот ќе бидат изложени и артефакти од почетоците на „Нова Македонија“ – машина за пишување, фотоапарат, телефон, букви за висок печат, клишеа и слично.

Цветин досега подарил над 60.000 свои слики и организирал над 300 изложби во Македонија и во светот (Шведска, Полска, Германија, Италија и Канада), како и во поранешните југословенски држави (Србија, БиХ, Хрватска, Црна Гора).
Во 2009 година тој беше номиниран за „Нобеловата награда за мир“ и се најде меѓу петте најсериозни кандидати од 20-те предложени. Во 2015 година, Цветин создаде слика од 1.001 метар.