Гордана Јанкуловска нема причина воопшто да се вознемирува затоа што таа, како и сите граѓани ќе биде третирана по закон, одговори министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на писмото на поранешната министерка за внатрешни работи во кое се обраќа до неа и до новата министерка за правда Рената Дескоска за повреда на нејзините права во судењето за предмет на СЈО во кој таа е една од обвинетите.
Царовска додаде дека доколку има некаков проблем кој е од ресорот со кој таа раководи би помогнала без никаков проблем, но, рече, такво нешто засега нема.
– Во однос на она што го поставува во писмото, а се однесува на судските пракси одлуки и процедури, тоа не е во моја надлежност- рече Царовска одговарајќи на новинарско прашање пред Втората меѓународна конференција „Жените во енергетиката 2018“.
Јанкуловска во отвореното писмо што до Дескоска и Царовска го упати во саботата се пожали на остварувањето на нејзините права во областа на судството и заштита на правата на децата и жените, односно нивната груба повреда.