Увид во состојбите и можностите за подлабоки реформи во работењето на Центарот за социјална грижа во Тетово. Ова беше целта од денешната посета на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и разговорите со директорот Дарко Обадиќ.
– Сакав на самото место да се уверам со какви предизвици се соочуваат во секојдневната работа вработените на тетовскиот Центар за социјални грижи. Ние сме во тек со длабински реформи на системот за социјална заштита во земјава со цел овие центри навистина да бидат на услуга на граѓаните со квалитетни, посветени и стручни вработени. Токму затоа сите тие ќе поминат соодветна обука со цел овие центри да станат проактивни во згрижувањето на сите граѓани на кои тоа им е потребно – изјави Царовска.
Директорот на Центарот за социјална грижа во Тетово Дарко Обадиќ посочи дека овој центар се грижи за околу 14 илјади корисници и оти ќе продолжи да има отворени врати за секој оној што има потреба од помош во рамките на можностите и законите.
Одговарајќи на прашање околу состојбите со таканаречените фантоми или лицата што не се евидентирани, без лични документи и слично, министерката Царовска рече дека согласно измените во соодветниот закон за ваквите лица е отворен посебен регистар во рамките на Управата за матични работи и оти таму досега се впишале 360 вакви лица.
– Очекуваме дека во овој посебен регистар ќе има околу 500 лица и согласно законот со ваквата информиција ќе излеземе на седница на Владата каде треба да се разгледаат законските можности лицата од овој посебен регистар да добијат лични документи и да можат да добијат соодветна здравствена, социјална заштита право на образование и сите други права што им следуваат. Со цел да се спречи оваа појава на фантоми во иднина треба да се пристапи кон измена и на соодветните закони во надлежност на МВР, Министерството за правда што очекувам дека ќе биде завршено до крајот на годинава – рече Царовска.
Околу можностите и најавите за изградба на старски дом и детска градинка во Тетово, Царовска посочи дека уште во септември и повторно во октомври од страна на Министерството за труд и социјална политика до општините бил упатен повик да достават барања за вакви објекти.
– Условите што ги пропишавме посочените објекти се општините да имаат расчистени имотно правни односи и подготвен изведбен проект а потоа ние ќе се обидеме со странски и домашни донатори и инвеститори да изнајдеме средства за тоа. Досега барање за нов старски дом во Тетово немаме добиено додека за градинка имаме и општината веќе работи на расчистување на просторот – изјави Царовска.
Во рамките на денешната посета на Тетово министерката Царовска се сретна и со претставници на невладината организација „Сонце“ што работи на подобрување на состојбите кај ромската популација во градот, а оствари средба и со пензионерите од Тетово.