Немаме ширење на ковид-19 во училиштата, додека не се создадат услови за затворање остануваме на овој модел, изјави министерката за образование Мила Царовска, како одговор на барањето на СОНК наставниците да работат од дома.
– Сите држави во светот, а и СЗО и УНИЦЕФ препорачуваат училиштата да останат отворени. Секаде во свет се отворени. Ние немаме голем број на заразени. 0.05 проценти е заразеноста кај учениците, и 0,6 проценти кај наставниците, што значи не надминуваме ни еден процент – рече Царовска.
Според неа социјалниот дијалог меѓу СОНК и Министерството е на многу високо ниво.
– Ние со ребалансот на буџетот, обезбедивме финансирање. Училиштата каде што има доказ за надминување на часовите, согласно Законот за работни односи треба да ги исплатат прекувремените работни часови – вели Царовска по однос на барањето на СОНК, наставниците да добијат додаток на платата.
Царовска сепак вели дека нема голем број на училишта каде има надминување на бројот на часови.