Република Северна Македонија успешно се справува со пандемијата во делот на образованието и ќе спречи генерациска катастрофа, благодарение на фокусот кој беше и сè уште е ставен на забрзување на процесот на дигитализација на образованието. Не дозволивме образованието да има застој. Правото на образование е овозможено на сите, преку хибриден модел на едукација кој понуди во училиштата, зависно од ситуацијата на локално ниво, да се примени настава со физичко присуство или, пак, онлајн или друга форма на настава на далечина, рече министерката за образование и наука Мила Царовска на панел-дискусијата на министерскиот состанок на високо ниво организиран од УНЕСКО, во рамките на Глобалната коалиција за образование.
– Успеавме во онлајн настава да вклучиме над 91% од вкупниот број на ученици. Помогнавме на околу 32.000 деца кои потекнуваат од 18.000 семејства во социјален ризик да бидат дел од таа онлајн настава, преку доделување ваучери за бесплатен интернет, а најголемиот дел од нив добија и ИТ-уреди со поддршка на локалните самоуправи и бизнис-заедницата. Наставата, пак, која се одвива во училиштата за учениците за кои имаме согласност од родителите и старателите дека сакаат да посетуваат настава со физичко присуство, се покажа како безбедна и училиштата не се трансмитери на заразата. Тоа го потврдува фактот дека, и на крајот од првото полугодие и сега во моментов помалку од 1% од наставниците и учениците во училиштата се заразени со вирусот. Ова значи дека планот и протоколите за организирање на наставата се добро обсмислени и најважно е што се почитуваат од сите засегнати страни – укажа министерката Царовска во онлајн обраќањето.
Таа нагласи дека учебниците делумно се дигитализирани, бидејќи актуелниот закон е таков што го ограничува целосното дигитализирање, но тоа, со новата регулатива, наскоро ќе се смени. Со новиот закон, за кој во тек е јавна расправа, се предвидува сите учебници и наставни и дидактички материјали од кои децата ќе учат, да бидат достапни преку посебна и единствена електронска платформа.
– Пандемијата дури и нé мотивираше да се забрзаат одредени процеси, на кои во минатото им требаше повеќе внимание од страна на институциите на системот. Меѓу нив се и обуките на наставниците за онлајн настава и воопшто за работа во вакви услови со ученици, но и јакнењето на стручните психолошко-педагошки служби во секое училиште, за да се заштити менталното здравје на младите и од сето ова да излезат посилни и поподготвени за предизвиците што ги носи подоцнежниот период од животот – укажа Царовска.
Потврдувајќи дека дигитализацијата на образованието е еден од врвните приоритети и на Владата, министерката рече дека тој процес постојано се надградува поради креирањето и појавата на иновациите.
„Свесни сме дека отсуството на инвестиции во овој процес, значи ризик да се заостане во развојот на човечкиот потенцијал и затоа, целта ни е да изградиме образование кое ќе биде флексибилно и лесно прилагодливо на секоја идна состојба која се појавила, а не сме можеле да ја предвидиме. Во оваа насока е и неодамна усвоената Концепција за основно образование, со која за првпат се воспоставуваат национални стандарди за компетенциите што треба да ги стекнат учениците за време на основното образование, меѓу кои се и компетенциите за дигитална писменост. Тоа се едни од клучните компетенции за доживотно учење опфатени во препораките на Советот на ЕУ и препораките кои произлегуваат од меѓународни студии со цел да го подобрат квалитетот на образованието во земјите членки“, рече министерката.
Предизвик останува опремувањето на училиштата, но и континуирано следење на глобалните стандарди во сферата на ИТ- технологијата.