Бојкот на онлајн наставата нема да донесе ништо добро на децата, рече денес министерката за образование и наука Мила Царовска. Родители на деца речиси од сите делови на државата, револтирани од тоа што нивните училишта биле одбиени за настава со физичко присуство, на социјалните мрежи се организираат за бојкот на онлајн наставата убедени дека така ќе издејствуваат дозвола за настава во училница.
– Јас ги повикувам сите родители, сите градоначалници, сите директори на училишта да седнат и заеднички да ги надминуваат прашањата. Тоа што ќе се бојкотира настава не носи добро за идните генерации на таа општина. Не носи добро за децата. Децата сакаат да бидат стимулирани, дали со физичко присуство, дали кратко ќе се приклучат на онлајн платформата, дали ќе добијат материјал, сепак во континуитет се стимулираат на знаење и позитивни информации кои што не сите деца ги имаат. Дајте да им овозможиме на децата да бидат стимулирани – рече министерката Царовска.
Таа нагласи дека училиштата кои не добиле позитивен одговор за настава со физичко присуство не е затоа што некој нејќел туку затоа што здравствената и епидемиолошка состојба е ризична или заради тоа што се премногу деца во мал простор.
„Ние што би направиле? Да почнат една недела и да бидат заразени и после тоа да нема место во болниците? Тоа не е решение за мене. Да одиме безбедно, чекор по чекор“, вели министерката Царовска и повикува граѓаните да ги почитуваат одлуките на здравствените власти.
На социјалните мрежи пак, родителите се организираат за протест против онлајн наставата, а има и предлози на 1 октомври сите родители децата да ги однесат во училиштата без разлика на одлуките за настава од далечина.