Министерката за образование и наука Мила Царовска, денес одговарајќи на новинарско прашање дали ќе бидат санкционирани непочитувањата на одлуката за онлајн настава во Дебар, рече дека одлуките на Владата се јасни и тие мора да се почитуваат.
– Владините одлуки се во интерес на заштита на јавното здравје и секако дека ќе има санкции доколку не се почитуваат овие одлуки – изјави Царовска.
Министерката најави дека ќе мора да се одработуваат часови на наставата поради нејзиното бојкотирање, доколку продолжи да се зголемува губењето на часовите.
– Засега се изгубени само два дена и тоа се првите класни часови и немаме целосен бојкот туку станува збор за поединечни случаи, но доколу се појават недостатоци, ќе разговараме со Бирото за развој на образованието за надоместување на овие часови во текот на летото – рече Царовска.
Министерството за образование и наука истакнува дека непочитувањето на владините одлуки во време на пандемија директно го загрозува јавното здравје, а бојкотот на наставата негативно ќе се одрази на развојот и едукацијата на децата.
МОН ги повикува родителите, наставниците и учениците на максимална соработка и почитување на протоколите и мерките за заштита од пандемијата.