Царинска управа им додели сертификати на царинските службеници, компаниите и на здруженијата што се заслужни за дигитализацијата на царинското работење, по повод одбележување на Денот на царината – 26 јануари.
Сертификати добија: Елена Лазаревска и Иван Бошковски од компанијата „Фершпед“, Анастас Маженковски, Бурим Хајдари, Драган Ивановски, Зоран Петкоски, Иван Спасовски, Офелија Бајо, Валдет Адеми, Филип Чижбановски и Виктор Стојковски од Асоцијацијата за е-трговија, „Асеко Македонија“, „ОХО Македонија“, Сојузот на стопански комори, Стопанска комора, како и Економскиот факултет. Директорот Ѓоко Танасоски информира дека Царинската управа годинава ќе инсистира сите институции да го продолжат процесот на дигитализација, што ќе овозможи послободен проток на стоки и на информации.
– Верувам дека со поддршка и со работа, а и со позитивни критики и забелешки, се обидуваме да се подобриме во сите процеси што ги спроведуваме – истакна Танасоски.
Меѓународниот ден на царината годинава се одбележува под слоганот „Царината се грижи за одржливоста на граѓаните, просперитетот и планетата“ и Царинската управа во овој контекст ќе се фокусира на проблемот со загадувањето на животната средина.