Католиците и дел од православните денеска го слават Божиќ
Бискупот на Католичката црква во Македонија, Киро Стојанов, во вчерашното обраќање до верниците ја истакна радоста, која, според него, е најголемиот божиќен дар, а тоа е доаѓањето на папата Франциск во пасторална посета на нашата татковина на 7 мај 2019 година
Католичките верници и дел од православните христијани што времето го сметаат по грегоријанскиот календар денеска го слават Христовото раѓање, Божиќ. Според евангелското предание, Исус Христос е роден на 25 декември во Витлеем, така што овој датум како почеток на новата ера и новата историја на човештвото, со разликите во календарите, се почитува во целиот христијански свет. Освен Римокатоличката црква и западните цркви, Божиќ денеска го празнуваат и православните цркви што кон крајот на минатиот век го прифатиле грегоријанскиот календар. Овој празник го слават протестантите и Англиканската црква.
Македонската, Руската и Српската православна црква, Руската задгранична црква, Ерусалимската патријаршија, Украинската и Грузиската црква и Света Гора ќе го прослават Божиќ тринаесет дена подоцна, според јулијанскиот календар.
Бискупот на Католичката црква во Македонија, Киро Стојанов, во вчерашното обраќање до верниците, ја истакна радоста, која, според него, е најголемиот божиќен дар, а тоа е доаѓањето на папата Франциск во пасторална посета на нашата татковина на 7 мај 2019 година.
– Молејќи пред новородениот цар, посакувам оваа посета да ни донесе неизмерен мир и благослов. Мир божји, Христос се роди – посочи бискупот.
Според него, во ова време кога во многу човечки срца господарат темнината и неспособноста да живеат живот достоинствен на човекот, црквата навестува и сведочи дека Бог спасува.
– Мрак паѓа врз вредностите на семејството. Мрак владее во меѓучовечките односи и се шири цивилизацијата на смртта во која човекот е сѐ помалку човек, а сѐ повеќе бројка, и тоа експлицитна од агол на користољубивост. Во времето кога е допуштено уништување невини и неродени животи, кога во многу земји им помагаат на постарите и болните во умирањето и покрај тие факти, ние го навестуваме евангелието на животот: добри луѓе, внимавајте, и Бог стана човек. Тој е чувар, бранител и оној што е способен да го излечи нашето страдање и на паднатото човештво повторно да му даде достоинство – порача бискупот Стојанов.
Тој посака овие денови со повеќе смиреност во секого, и во најмалиот брат и сестра, да се препознае овоплотениот, а на сите мирно, силно и радосно Рождество Христово во кое ќе се препознае колку е убаво да се биде човек.
Традиционално, постите завршуваат со појавата на првата вечерна ѕвезда на небото, а потоа во храмовите во целиот свет започнува свечената рождествена литургија. За време на неа верниците се потсетуваат на старозаветните пророштва и настани поврзани со раѓањето на спасителот.
Трпезата има религиозен карактер и е многу свечена. Пред да се продолжи со јадењето, се чита извадок од Евангелието на Лука за Рождеството Христово. Ритуалот на трпезата го води главата на семејството. Насекаде распространет и познат е обичајот на трпезата да се остави празно столче. Ако некој дојде во домот на Бадник навечер, тој треба да биде прифатен како брат. Овој обичај е во знак на почит кон блиските и драги луѓе што не можат да го чекаат Бадник со семејството. За нив и за оние што го напуштиле овој свет се оставаат прибор и чинија во која се става од сѐ по малку. По завршувањето на вечерата, трпезата не се крева. Сепак, во секоја земја празникот си има свои традиции.