Хелсиншкиот комитет за човекови права во име на неколку граѓански организации бара од Владата во најбрз можен рок да преземе мерки во однос на соодветното регулирање на работата на приватните болници во услови на криза, на начин, како што велат, ќе им даде согласност да згрижуваат болни од Ковид-19 само на оние приватни болници кои склучиле договор со ФЗО, како и да преземе иницијатива за соодветно регулирање на цените за здравствени услуги во приватните здравствени установи и да стави крај на профитерството во време на животно-загрозувачка криза.
– Бараме Државата да воспостави регулативна рамка за утврдување на лекувањето поврзано со Ковид-19 кое граѓаните го покриваат со лични средства во приватните здравствени установи, по примерот на определениот максимален износ за плаќање на учество со лични средства (партиципација) во јавното здравство во согласност со Ценовникот на здравствени услуги на Фондот за здравствено осигурување – се вели во барањето.
Тие предлагаат Фондот за здравствено осигурување да склучи договор со сите акредитирани лаборатории за здравствената услуга ПЦР тест за утврдување на присуство на вирусот SARS-CoV-2 или да овозможи покривање на трошоците односно нивно рефундирање.
– Очекуваме Фондот за здравствено осигурување да склучи договори со сите лаборатории за здравствените услуги кои се блиску поврзани со следењето и проценката на здравствената состојба на пациентите со Ковид-19, согласно утврдената пракса и медицината базирана на докази – се додава во барањето.
Исто така, сметаат дека во исчекување државата и Фондот да обезбедат лабораториските здравствени услуги поврзани со дијагностика и следење на пациентите со Ковид-19, да бидат финансиски покриени од страна на државата.